Како и секој јуни, така и овој, актуелно е членството на Република Македонија во Европската Унија и датумот за почеток на преговори. За жал, и покрај сите оптимистички изјави, Република Македонија пак извиси. Ако до вчера проблем беше само нашиот јужен сосед, денес тој е воздржан, но проблем се седум други членки на Европската Унија. А тука има и уште нешто што сите го забораваат. Ако дванаесет членки се за, седум се против, тогаш имаме девет членки кои се воздржани или за кои немаме информации како гласале.
пишува: доц. д-р Самоил МАЛЧЕСКИ
Во суштина, повеќето од пола членки на ЕУ се или против или воздржани во однос на нашето членство во унијата. На сите ни е јасно зошто е тоа така, освен на Владата на Република Македонија и на двоецот Заев-Димитров. Уште ни се свежи ланското славење и лажниот оптимизам кои ги промовираа, а добија нова шлаканица. И повторно, наместо да седнат да се соочат со реалноста, тие пробуваат да пласираат спинови и лаги во јавноста, па ги гледаме како се смеат како зелени на прес конференции и како, повторно невешто, се обидуваат својот личен пораз да го прикажат како заедничка победа. За жал, одложувањето на одлуката не е случајно, ниту пак треба да се гледа со оптимизам. Не е само СЈО проблем, проблемот е многу поголем.
Веќе со предавничкиот преспански договор, Владата на дело покажа зошто не сме зрели да добиеме датум. Постапката која ја спроведоа беше спротивна на Уставот и позитивните законски прописи во Република Македонија. Изобилуваше со уцени, закани, политички притисоци и користење на целиот државен апарат за нивно опстојување на власт. Нешто за што и претходно зборував многу пати. Процесот беше директно следен од високи претставници на ЕУ и на земјите членки на ЕУ. Прво нешто што треба да го разговараме со ЕУ се поглавјата 23 и 24 и тука ниту Заев, ниту Димитров, ниту пак кој било претставник на Владата нема ни легитимитет, ниту кредибилитет да зборува. Тие се тие кои на дело покажаа дека владеењето на правото и правната држава за нив немаат никакво значење. Оттука и сомневањето на лидерите на седум земји-членки и воздржаноста на други девет, меѓу кои и на Ципрас, „големиот“ пријател на Заев и Димитров. Ги извиси, ги прелажа како мали деца, но тоа е колумна за некое друго време.
Вториот клучен проблем се реформите во правосудството. Прво избраа Совет за реформи, кој набрзо по неговиот избор се растури. Колку и да не се согласувам за некои работи со дел од членовите на тој Совет, не можам да ја негирам нивната стручност и компетентност. Потоа избраа втор Совет на чие чело, без никакви компетенции, седна Заев. Едниствената негова врска со правосудниот систем се процесите во кој тој беше осомничен, а за кои си обезбеди ослободителни пресуди. Сега имаме трет претседател на тој Совет, министерката Десковска која, за нешто помалку од три години како функционер во Владата на Заев, не може да се пофали со ниту еден успех – напротив, таа е еден од кочничарите на реформите. Ништо од најавениот генерален реизбор на судии и јавни обвинители, ништо од најавените реформи. Згора на ова, си избраа Јавен обвинител кој повеќе молчи од сите претходни заедно. Криминалот, корупцијата и непотизмот цветаат, дури и толку многу се самоубедени што не се ни обидуваат да ги прикријат.
Трето нешто е СЈО. Тука, пак, преставниците на власта место да се скријат и да молчат, упорно се вплеткуваат во нивните невешти лаги и манипулации. Се обидуваат топката да ја префрлат кај опозицијата, но во суштина прашањето е дали нив им одговара СЈО кое нема да е под нивна контрола и под нивно влијание. Ако сакаа, можеа! Сетете се само како си обезбедија 2/3 мнозинство кога им гореше под нозе, кога фотелјите им беа во прашање.
Да не должам, како и многу пати до сега, немањето на реформи во сите клучни сегменти, почнувајќи од правосудниот систем, образованието, здравството, социјалната заштита, па преку корупцијата, непотизмот, криминалот итн., е клучот зошто ние немаме датум, а прашање е дали ќе имаме и во октомври. Со оваа Влада во прашање се доведува и нашето членство во ЕУ.
Тука не помагаат ниту фарсите за наводни метли, ниту молењето по канцеларии во ЕУ, нути заканите за оставки и враќање на власт на „националистите“, ниту пак им помогна предавството преточено во т.н. преспански договор.
Излезот е едноставен, време е за вистинска реформска Влада, предводена од интелектуалци, докажани експерти во своите струки. Република Македонија одамна веќе нема време за евтини фолиранти, квази интелектуалци, како и за чекање пред вратата на ЕУ.