Македонија 14. март 2021. / 22:00

Д-р Серафимов: Со пописот ќе броиме и граѓани и кластери – во полициски часови

Д-р Серафимов: Со пописот ќе броиме и граѓани и кластери – во полициски часови

Во очи на форсиран попис, за коj веќе течат интензивни подготовки и во услови на четирицифрени бројки од новозаразени од ковид-19, логично е да се постави прашањето: Дали е потребен овој попис сега, во овој момент?

Одговорот би бил – Да, потребен е, но не сега, пишува д-р Александар Серафимов на својот Фејсбук профил.

Ковидот зема повторен и посилен замав, вакцини нема, колективен имунитет нема…единствено има неспособност од оние што треба да нѐ штитат…и по Устав, и по морал… Повеќето земји го одложија пописот, токму поради пандемијата. Место да бројат граѓани и домаќинства, другите земји бројат вакцини и вакцинирано население…ние броиме гафови и скандали.

Зарем е логично да примиш човек дома, кога сопствените родители не ги примаш?! Народот ќе седи дома поради полициски час, а невакцинирани попишувачи ќе шетаат по домовите. Надвор од секоја памет, пишува д-р Серафимов.

Зарем не е подобро, прашува докторот, „да се обезбедат вакцини, да се направат мерки за подобро справување со пандемијата и во блиска (се надевам) иднина, да се направи попис со сите нишани. Вака освен граѓани ќе броиме и кластери – во полициски часови“.