Македонија 14. мај 2020. / 12:32

Членовите на ДИК едногласни: Избирачкиот список мора да се преработи

Членовите на ДИК едногласни: Избирачкиот список мора да се преработи

Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) изградиле единствено мислење во врска со продолжување на изборниот процес кое денеска треба да биде доставено до претседателот на државата Стево Пендаровски.

Според информациите од ДИК на МИА, членовите на Комисијата се состанале вчера по средбата со шефот на државата, и се согласиле дека сите одлуки што треба да се носат во врска со предвремените избори и продолжување на изборниот процес во контекст на мерките за коронавирусот треба да бидат согласно Изборниот законик и постоечките закони.

Комисијата, смета дека Избирачкиот список мора да се преработи во согласност со технологијата за негова обработка, која е опишана во Законот и со точно пропишани рокови.

Членови на ДИК, потенцираат дека Владата мора да донесе правен акт по кој Комисијата ќе постапува во којшто ќе бидат вклопени и активностите поврзани со Избирачкиот ссписок.

Постоеше дилема какво мислење ќе изгради ДИК, која беше обврзана на тоа од политичките лидери на средбата кај претседателот Пендаровски во вторникот, имајќи ги предвид различните мислења со кои во медиумите изглегоа претседателот на ДИК Оливер Деркоски и членот на Комисијата Борис Кондарко, како и поранешни членови на највисокото изборно тело во државата.

Лидерите на политичките партии на средбата се договорија преку шефот на државата да биде обезбедено мислење за продолжувањето на изборниот процес што би помогнало за одредување датум за одржување на парламентарните избори. На средбата Владата беше задолжена да добе мислење од Комисијата за заразни болести и од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР кога би можеле да допатуваат во земјата и да се организираат за набљудување на изборите.