Македонија 30. јули 2018. / 12:18

Членовите на ДИК дадоа свечени изјави пред собранискиот спикер Талат Џафери

Членовите на ДИК дадоа свечени изјави пред собранискиот спикер Талат Џафери

Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) денеска дадоа свечени изјави пред претседателот на Собранието, Талат Џафери. Претседател на Комисијата е Оливер Дерковски, потпретседател Дитмире Шеху, а членови на ДИК се Елизабета Постоловска, Борис Кондарко, Јанаке Витановски, Радица Ристеска и Енвер Салиу.

Претседателот на Комисијата Дерковски пред медиумите изјави дека како Државна изборна комисија, почитувајќи ги законите и Уставот на Република Македонија, ќе постапат и ќе направат сѐ што е во нивна надлежност за да успее организирањето на референдумот.

„Денес ја дадовме свечената изјава и со тоа го означивме почетокот на работата на ДИК. Очекуваме Собранието да донесе значајни одлуки за работата на ДИК. Доколку се заврши сѐ како што треба, го гледате составот, сѐ се тоа искусни луѓе, од кои повеќето претходно веќе биле и членови на ДИК, така што сметам дека главната задача ќе ја договориме, пред сѐ почитувајќи ги законите и Уставот на Република Македонија“, рече Дерковски и се заложи дека ќе работат јавно и транспаретно.

Во однос на Избирачкиот соисок кажа дека тоа е континуирана активност на ДИК и дека новоизбраните членови на Комисијата ќе дадат дополнителен придонес за да се расчистат дилемите околу списокот.

Се очекува наскоро да биде закажана и конститутивна седница на ДИК.