Дежурни службеници на Државната изборна комисија (ДИК) вечерва до полноќ ги очекуваат кандидатските листи од политичките партии и коалициите кои ќе учествуваат на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.
До 19 часот листи имаа поднесено само четири политички субјекти, а според најавите поголемите политички субјекти како СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и други до полноќ треба да ги достават листите. Според Изборниот законик, листите што ќе бидат доставени по полноќ ќе бидат отфрлени.
Во ДИК се пристигнати листите од четири партии: од Работничката партија, од ГДУ, од ГЛАС и од Демократи.
Кандидатските листи ќе подлежат на проверка, по што тие треба да се потврдат.
Синоќа во 24 часот истече рокот за пријавување на нашите иселеници и привремено вработени во странство. За гласање се пријавени 7.508 лица. Сите пријави се проверуваат и обработуваат, се очекува да пристигнат и пријавите во хартиена форма во Дипломатско-конзуларните претставништва, по што, ДИК ќе излесе со официјалната бројка.
За да се организираат избори во дијаспората потребни се 6.540 валидни пријави односно онолку колку што на последните избори освоил пратеникот со најмалку гласови. Најмногу пријави има од Мелбурн, Венеција, Берлин, Берн и Торонто. Венеција, која се наоѓа во северниот дел на Италија, е во карантин, а засега не може да се претпостави што ќе се случува во другите европски градови со ширењето на епидемијата на корона вирусот.