Со сослушање сведоци предложени од одбраната во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
Прв сведочеше поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој рече дека на 27 април 2017 година имал интензивни комуникации со своите колеги задолжени за извршување на полициски акции и дека немал никаков контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
-Воопшто не сум имал никаква комуникација ниту на 27 април, ниту пред, ниту потоа со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, рече Чавков.
На 27 април, Чавков посочи дека со работа завршил во 16 часот и околу 16:30 часот се упатил кон Технометал Вардар, каде имал приватни работни простории.
-Таму се задржав некаде до 20 часот. Тоа може да се види од извештајот на базните станици и сведочењето на моето обезбедување. Откако бев информиран за прескокнување на оградата, имам интензивни комуникации со моите колеги задолжени за спроведување на полициските акции во Собранието, изјави Чавков.
Само околу 20:30 часот, рече Чавков, имал телефонски повик од Никола Груевски, кој евидентно бил загрижен за случувањата.
На денешното рочиште се повикани повеќе сведоци меѓу кои и Емил Димитриев и Кирил Божиновски.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.