Државната комисија за спречување корупција со една одлука ги закопа обвинителите од поранешното Специјално обвинителство. И за тоа заслужува честитки. Браво за антикорупционерите!
Пишува: Предраг ДИМИТРОВСКИ
Можеби некому ова ќе му изгледа нормално, зашто, нели, тоа и е основна работа на Антикорупциската комисија. Но, во случајов одлуката да покрене прекршочни пријави против поранешните напумпани и самопрогласени „Чарлиеви ангели“ поради тоа што не ги пријавиле додатоците на плата, а со тоа и промена на имотната состојба, покажува дека во државата сепак има зрак надеж оти може да се води борба со корупцијата.
За потсетување, поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, на своите колеги како од ракав им делела илјадници и илјадници евра државни пари за нешто, што им било составен дел од работата. Оправдувањето дека работеле со материјали со степен на доверливост не е никакво оправдување. Зашто, во државата има и други институции, кои секојдневно сработат со такви материјали, па нивните вработени не добиваат таков надомест.
Навистина, еден жалосен крај на група луѓе, чија основна задача беше, наводно, да се борат со криминалот и корупцијата на луѓето од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Во пракса, пак, тоа за многумина се претвори во отворена дневно-политичка пресметка со најголемата опозициска партија и алатка за уцена на пратениците за изгласување на уставните промени, поврзани со промената на уставното име на државата, што, впрочем, и се потврди во судницата во случајот „Рекет“ во кој, како второобвинета, главна актерка е токму Катица Јанева.
Да биде иронијата поголема, пак, нејзината одбрана како еден од аргументите дека не земала пари во случајот „Рекет“ наведе дека нема промена на нејзината имотна состојба. Сега ова паѓа во вода, зашто не некој друг, туку Антикорупциската комисија вели оти таа самата не го пријавила тоа, иако била должна, со оглед дека надминала 20 просечни плати.
И не е само Јанева во прашање, туку сите обвинители за кои Антикорупционерите покренуваат прекршочна постапка. Зашто, ако тие, со име и презиме-Фатиме Фетаи, Елизабета Јосифоска, Лиле Стефанова, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Стевчо Донев, Трајче Пеливанов, Артан Ајро и Љубомир Лапе, го прекршиле основниот закон за спречување корупција и судир на интереси со кое морално и етичко право обвинуваат или ќе обвинуваат во иднина некој друг за корупција!? Па, кој сака нека биде тој. Нивните етика, морал и, пред се, образ се сведени на гола нула. И со бројка 0! Без личен интегритет се можеби многу повалкани од поединци, кои се наоѓаат во графата обвинети, токму од нив.
Затоа, прво што треба самите да направат во ова време-невреме е да ги вратат парите, што ги земале. Толку можат да сторат ако сакаат некој да има доверба во нив. Но, тоа си е нивна работа.
Како второ, најважно и суштинско, државниот јавен Љубомир Јовески под итно мора да побара од Советот на јавни обвинители да ги разреши. И тоа без пардон, без размислување. Зашто, по одлуката на антикорупционерите е доведен во прашање угледот на целото обвинителство, а посебно Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за кое работат или го застапуваат. Ако не сака(ат) да се поистоветуваат со „ангелите“ како непочитувачи на елементарниот закон за борба против корупцијата и криминалот, воопшто. Или можеби сака(ат) и они се како нив!? Не би рекол.
А, колку само закони и процедури беа прекршени, што без сомнение го нарушија и демократскиот капацитет на државата, за да им се најде чаре на истите овие обвинители! Срам и арам!