Министерката за образование и наука Мила Царовска во денешното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, истакна дека концепцијата за основно образование не ја пишува министер, туку експерти ангажирани и предводени од Бирото за развој на образованието.
-Концепцијата за основно образование не ја пишува министер, туку експерти ангажирани и предводени од Бирото за развој на образованието како надлежна институција во тој дел. И таа е работена врз база на повеќе истражувања и анализи кои се цитирани во влезниот дел на документот, а во целиот процес беа вклучени и директори на училишта, наставници, родители и самите ученици, но и многу други релевантни фактори, изјави таа.
Царовска рече дека се доцни со реформите.
-Ние не брзаме со креирањето на реформата, туку напротив доцниме. Концепцијата е предвидена во Законот за основно образование и веќе втора година доцниме со имплементацијата и тоа е фактична состојба, рече Царовска.
Таа рече дека нема да има бришење на ниту еден предмет или содржини и дека и понатаму ќе се изучуваат историја, физика, хемија, географија, но научните дисциплини ќе бидат поставени модуларно.
– Неоправдан е стравот дека со реформата ќе излеземе во пресрет на барањата на Бугарија, затоа што оваа реформа не е поврзана со ниту едно надворешно политичко прашање. Проблем настана кога започнаа во јавноста да се пласираат лажни вести поврзани со предметот историја, рече Царовска.
Таа додаде дека со години го бираме тајминот за промени и веќе е крајно време за преземање конкретни чекори.