Македонија 24. јуни 2018. / 22:19

Бујар Османи за грчките медиуми: Без датум за преговори, договорот со Грција ќе биде доведен во прашање

Бујар Османи за грчките медиуми: Без датум за преговори, договорот со Грција ќе биде доведен во прашање

Во интервју за денешното издание на грчкиот весник „Realnews“, вицепремиерот Бујар Османи вели дека доколку на претстојниот Самит на ЕУ не се донесе одлука за почеток на пристапни преговори, ќе се разочараат сите што учествуваа во процесот и од двете страни, но, „уште поважно е разочарувањето што ќе се создаде кај политичките сили кои позитивно го третираа договорот и во двете земји“.

„Сигурно ќе биде огромно уназадување во врска со дополнителното имплементирање на договорот, ставајќи го во опасност исходот од референдумот и дополнително ќе ја ризикува поддршката за предвидените уставни промени итн. Нашата земја е важен партнер за ЕУ во областите како што се безбедноста, управувањето со мигрантската криза и справување со терористичките закани, и задоцнувањето на европската перспектива може да предизвика едно огромно назадување и во овие области“ додаде Османи.

„Ние, како Влада и политичко мнозинство, имаме волја и решителност да ги преземеме сите неопходни политички одлуки и да ги направиме чекорите што се поврзани со успехот на процесот. Сигурни сме дека волјата на мнозинството од народот ќе влијае врз однесувањето на мнозинството пратеници, што ќе гласа во интерес на народот и на земјата, вели вицепремиерот Османи.

Тој исто вели вели дека имплементацијата на Договорот ќе има позитивно влијание врз двете земји и изразува надеж дека „Грција ќе стане нашиот најголем сојузник, нашиот најголем поддржувач за интеграција на нашата земја во ЕУ и НАТО“