Официјална Софија ги објави своите „црвени линии“ со кои ги одредува условите, што Македонија ќе треба да ги исполни ако еден ден сака да стане земја-членка на Европската унија. Иако има многу елементи, што заслужуваат посебно внимание, овојпат нема да си земам за слобода да напишам ни збор.
пишува: Предраг ДИМИТРИОВСКИ
Зашто, во овие матни времиња на лажни вести и „тенденција на будење на антибугарските сили во Македонија“, но и водењето хибридна војна од страна на Русите за зачувување на своите интереси на овие простори, човек веќе не знае како може да биде разбран.
Сепак, во државата има власт и политичари, кои со нешто мораат да си ја заслужат платата. Имаат доволно „ум и разум“ за да си утврдат стратегија и да најдат свои одговори на тоа што е испорачано од Софија. Впрочем, тие го потпишаа договорот и не убедуваа дека чашата треба да ја гледаме оптимистички, како полуполна, а не песимистички, како полупразна.
Случајност или игра на судбината? Како сакате можете да протолкувате се. Но, од симболиката на добрососедството не може да се избега.
Хронолошки гледано, во 1941 година, токму ова време, на 11 октомври, македонските партизани ќе ја започнат својата борба против фашистичкиот окупатор. Ќе запукаат прво во Куманово и Прилеп, иако првиот партизански одред ќе биде формиран малку порано, на Скопска Црна Гора. Е, сега, кој бил фашистичкиот окупатор допрва ќе треба да бараме нови одговори, што ќе треба да ни ги дадат историчарите и политичарите. Ако се следат „црвените линии“ на Софија, кои велат дека Македонија ќе мора да ја отстрани формулацијата „бугарски фашистички окупатор“, тоа не била Бугарија!?
Во 1946 година, пак, на 9 октомври, на пат од Софија за Скопје се наоѓаат моштите на Гоце Делчев. А, како денеска, 10 октомври, со најголеми државни почести тие се погребани во црквата „Свети спас“. По лична желба на апостолот, неговите мошти да лежат во главниот град на слободна Македонија.
На истиот тој 9 октомври 2019 година, Софија ги утврди и објави своите „црвени линии“ преку кои не ќе може да помине ако Македонија сака да стане членка на Европската унија. Во духот на добрососедството и во име на двете доживеани национални катастрофи. Ах, таа Македонија!
И кога сме веќе кај симболиката, во пресрет на големиот македонски празник, Денот на македонското востание против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна, 11 Октомври, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, организираше чистење на спомениците на негова територија, од периодот на НОБ.
– Независната и самостојна држава е врвна цел на секоја нација. Спомените за Народно-ослободителната борба ќе продолжат да живеат во секој од нас. Им благодарам од сé срце на сите што беа дел од оваа мала, но и тоа како корисна акција за чистење на бистите и спомениците на хероите од НОБ“, ќе изјави Богдановиќ.
Богдановиќ ги чистеше спомениците со компресор за вода. Само да не биде, истите тие споменици по релативно кратко време да треба да ги „поминува со брусалка“!?