Пишува: Ахил Големов
Седнат на тeраса, од досада ја листам програмата „План за живот во Македонија“, пред мене распослан центарот на Скопје врвулица од луѓе, млади, стари, жени, мажи, тинејџери, пензионери, креативци, банкари, правници, трговци и политичари и кај сите, како да поседувам посебни моќи, забележувам дека им виси над глава еден голем тежок црвен прашалник и постојано ги следи кај и да одат. Како сите да го имаат она одвратно чувство дека работите не се добри во државава. Сите се сложни со тоа, но скоро никој како да нема желба, порив да се праша што е проблемот побогу? Апатични се.
Обидувајќи се да најдам правилна дефиниција/дијагноза, чаре за прашалников на денешново време во кое живееме ние македонските граѓани, некако почнав да ги анализирам актуелните општествени состојби низ диоптријата на светската книжевност, почнав да ги читам записите на големите блескави генијални автори и авторитети. Адекватно на денешното општествено живеење експресно ми се наметна делото на Томас Ман (1901 год.) „Буденброкови“ со поднаслов „Пропаст на едно семејство“ (Verfall einer Familie) кое денес важи за прв општествен роман напишан на германски јазик што доживеал светска слава. За овој роман Т. Ман во 1929 год добива нобелова награда за литература. Главните поенти во романот се лажни високо-граѓански идеали, пропаста на граѓанството, бракот, семејството… воглавно пропаста на моралот и моралните аспекти во општеството како најбитниот „лепак“ кој во општествата го одржува човечкиот опстанок, балансот на успехот, среќата, достоинството, прогресот, принципите, економијата, правдата и мирот.
Истражувајќи подлабоко доаѓам до констатација дека нашата окцидентална цивилизација, за моралот и моралните аспекти на општественото живеење најдлабоко почнува да се бави уште од времето на нашиот спасител Исус Христос, преку Мојсеј, Апостолите, а институционално најрано веќе со формирање на црквата преку која се проповедаат универзалните морални вредности ( ..не кради, не лажи, не убивај, подели го богатството со тој што нема, слушај ги родителите..) што значи преку 2.000 години ние, со по мене најбитните општествени постулати, моралот и моралните аспекти се бавиме се бориме, победуваме но често и губиме.
Како Андроид (Samsung Galaxy S10 Plus) автоматски без да сакам веднаш почнувам да симнувам фајлови во глава „Фауст“ на Гете, „Процес“ и „Во казнена колонија“ на Кафка, Шекспир, Фром, Кант, Данте Алигери, Петрарка, Галилео Галилеј, Исус, Гоце Делчев, К.П.Мисирков, Св. Андреј, Св. Ѓорѓија, Господ, Ѓавол, Адам, Ева… и на крај песимистот Шопенхауер (уште тој ми фалеше) … Сите овие се бавеле воглавно со моралот во општествата, со значењето на моралот и битката за вистината. Така замислен наеднаш почнувам да си префрлам сам на себе, добро бре 2.000 години ништо не научивме, не поправивме (НЕ ЛАЖИ, НЕ КРАДИ, НЕ УБИВАЈ, СЛУШАЈ ГИ РОДИТЕЛИТЕ, едноставно е!)… се фаќам како несвесно правам чудни гримаси, како некој морален фананатик да се самоказнувам со морален камшик, почнувам да зборам сам со себе „олабави се малку што ти е, оди на плоштад слушај шунд музика прај се дека си среќен, оди на партиски собир на СДСМ слушај како блескаме, прај се луд, оди во ЕУ-Делегација, слушај некое предавање за демократија, човекови права ќе се смириш малку не се филмај!“. Се потсмирив малку, се загледав во една точка на таванот и онака смирено како член на МАНУ што е во мисла дали да прозбори или да остане „морално“ импотентен си размислувам си викам полека, работава не е дневно-политичка, суштинска е, универзална и вечна… ќе не надживее.
Во Македонија повторно се ближат парламентарни избори ќе треба да изберам помеѓу неколку политички програми, идни лидери, концепти, идеологии. Ми се јавува некоја мачнина во стомак, ќе има изборна кампања, на сите телевизии ќе летаат ветувања, ќе се поместуваат планини, полуписмени луѓе ќе се пењават пред други очајни луѓе, ќе се продаваат шарени лаги… Мачно ми е, сакам некако да ја ослободам државата од прашалникот што и надвиснал, да го искажам своето мислење во јавност, да ме слушнат што е можно повеќе луѓе да ги ставам во мисла, да ги замислам, да им посочам дека ми светна, дека знам каде е проблемот… Инстантно ми доаѓа идеја да се јавам на некоја дебатна емисија и тоа на некоја провладина телевизија напладне кога сите се по дома. Ѕвонам, ми успева од втора, конечно ми тргна нешто, водителката веднаш ме прашува: – „Зошто според Вас владее апатија, народот не им верува на политичарите и има голем број на неопределени гласачи во Македонија“. Ладен и тотално подготвен како младо владино портпаролче и враќам на водителката: „Прашањево Ви е 3 во 1 како референдумското прашање“ и почнувам: „Госпоѓо драга, според мене Македонија не пати од политичка понуда, пати најмногу од изгубениот морал во општеството! Ова мало зборче што го мантраме веќе преку 2.000 години е клучот на сите наши проблеми – моралот го избркавме од државата! Без морал во политиката, политичарите наши се обични статисти без морална обврска ни кон сопствените граѓани ни кон ништо, без морал судиите се безкруполозни креатори на нашите судбини, без морал спортистите се обични машини за пари, без морал уметниците се обични продавачи на естетика – трговци, без морал нема пазарно опшество и опшествено одговорни компании, без морални лекари нема добро здравство, без морал нема религија, без морал ние сме неверници, без морал нема хумани општества, без морални луѓе нема добра администрација, без морал нема успешна и прогресивна држава, нема демократија! И велам, моралните општества поставуваат пред се високо морални стандарди во кои живеат морални свесни граѓани, тие стануваат високо морални и совесни родители кои создаваат здрави морални семејства, деца кои се понатаму воспитувани од високо морални наставници, понатаму професори и така натаму… Едноставно е!“ На кратко ме прекинува водителката и ме прашува: „Па добро што се според вас морални политичари“? Јас спремен како Терминатор модел Т – 900 како од пушка и велам: „Вашиот политичар, градоначалник или партија мора да поседува пред се висок морал, да има богато експертско и професионално искуство, да има животни принципи, да се држи до правилата на игра, законите и уставот кои се гарант за еднаквост на граѓаните кои мора да бидат максимално почитувани, дадениот збор да биде оддржан, а ветувањата остварливи. Едноставно е“! И додавам ладно: „Ако вашиот лидер/партија ви вети изградба на поликлиника и не го прави тоа, остава болните да се снаоѓаат како знаат, ако ви вети и се колне во тоа дека нема да ви го менува уставното име, а го направи тоа, ако ви вети дека ќе донесе правда и владеење на право, а прв гази по сето тоа, ако вети дека криманалот, корупцијата и непотизмот ќе ги искорени, а е на чело на таа група што го промовира тоа, ако за главен обвинител во државата ти носи личност со просек на оценки 6,0 и тотално некадарна и згора на тоа заедно со неа пљачкосува по државата, тогаш велам госпоѓо тоа се тотално неморални политичари а пред се нелуѓе“! Видно вознемирена водителката ми реплицира, вели: „Ама како да знаеме ние гласачите дека овие луѓе ќе испаднат така неморални “?. Зимам длабоко воздух и си велам во себе тука те чекав: „Госпоѓо драга, за да изберете морални политичари треба и вие да сте морални, тоа е закон на акција и реакција, тоа е физика, во тоа е целата наша религија, нашата цивилизација! Доколку твојот политичар е аболициран за висок криминал, а ти не сакаш да го прифатиш тоа и си правиш самоцензура тогаш немаш ни право да збориш за морални политичари и за било каква подобра иднина за тебе и твоето семејство, доколку твојот политичар на своите вработени во неговите приватни фирми им дава најниски плати, а ти ветува јавно дека ќе направи 500 евра да има просечна плата во државата, тогаш ти си неморален што дозволуваш нереални приказни да те водат во одлуките, доколку, пак, твојот политичар ти вети дека ќе изгради 500 км автопат во Македонија, а знаеш добро дека нема толку автопатишта во државата и тенденциозно му стискаш „лајкче“, тогаш проблемот е во вас што сте недоволно морални, бидејќи вие очигледно посакувате неморални политичари и на тој начин свесно или полусвесно охрабрувате, продуцирате неморални, нефункционални квази елити и општества од кои луѓето си заминуваат! Така добивате план за ‘Живот за никого во Македонија’. Стварате нови ‘Буденброкови’ кои на тотално извитоперен, дрзок и бесрамен начин се самопријавуваат за нобелова награда!!“ И велам: „Овој вид на квази политичари се практично огледало и парадигма на оној слој на луѓе во општеството кои се главно егзистенцијалисти и комформисти, кои егзистираат исклучиво во лажни елитни збирштини, од доделен тендер, лукративна коалиција, зделка, функција, позиција, кои немаат повисоки морални, државнички и национални начела, кои имаат екстремно низок ниво на морален и интелектуален капацитет. Овие квази елити во Македонија имаат ново име, се викаат ‘Луј Витон елити’. Затоа ова воопшто не е само битка помеѓу ВМРО и СДСМ туку повеќе борба на „фејк“ елита на индиферентни егзистенцијалисти наспроти суверенисти, прогресивни луѓе со кичма, став, образ и високи морални, политички, економски и национални начела!“
Велам: „Ова би им предочил на неопределените и разочараните гласачи во Македонија“ и се одјавив од емисијата.