Во периодот што следува нашата работна група ќе ги разгледа коментарите, кои пристигнаа од Бугарија на нашиот предлот Акциски план и ќе биде изградена јасна позиција, изјави за МИА специјалниот пратеник за Бугарија, Владо Бучковски, кој се наоѓа во посета на Софија.
Бучковски вчера имаше средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерија Захариева, која му даде Акциски план, а кој допрва треба да биде разгледна од нашите власти.
Тој и Захариева размениле идеи за продолжување на процесот за враќање на довербата меѓу двете земји.
–Мојата улога како специјален претставник на Северна Македонија произлегува од напорите на македонската Влада да постигне решение во билатералниот спор со Бугарија и со тоа да се отстранат пречките за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ, вели Бучковски за МИА.
Специјалниот претставник вели дека во тој контекст секоја негова службена комуникација на релација Скопје – Софија е во функција на предложениот Акциски план од наша страна кој содржи конкретни чекори во делот за поврзување преку Коридорот 8, соработката во образованието, во енергетиката, културата, економијата, информатичкото општество.
-Сето тоа треба да создаде доверба меѓу владите и државите, помеѓу народите меѓу двете држави. Без разлика на интензитетот на мои патувања и средби, очигледен е интересот на двете страни да не се дозволи замрзнување на односите или комуницирање само преку медиуми или преку посредници. Нашата блискост како два народи и две држави со заеднички моменти од минатото и заеднички погледи кон историјата не упатува и двете страни да преземаме чекори до наоѓање решение, а ваквите работни средби се токму чекор напред кон решение, нагласи Бучковски.
Бугарското МНР вчера соопшти дека Бугарија предложила акциски план за соработка со Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и оти документот, се однесува на сите ресорни министерства, а се очекува да биде потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (согласно член 12 од Договорот).
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, вчера во интервју појасни дека дека тоа што вчера го добивме како одговор од Бугарија е всушност нивно гледање на нашиот Акциски план, односно размена на идеи по однос на тој план.