Бројот на здравствени работници кои до сега биле или се позитивни на коронавирусот, изнесува речиси 3.000, пренесува Телма.
Бројот на здравствени работници позитивни на Ковид веќе опасно се приближува до три илјади од почетокот на пандемијата до денес. Најизложени на вирусот, a веќе и голем број од нив и самите имале искуство со него. А, распространети се низ сите градови во земјава, како и останатите потврдени случаи до сега – повеќе од осумдесет илјади. Скопје како најнаселен град во земјава е очигледниот лидер и по активни случаи и по новозаболени, но и во сите вкупни статистики. Тетово, Куманово, Прилеп, Гостивар, Штип и Битола се останатите водечки според бројот на најмногу регистрирани случаи. А, највисок морталитет или смртност според бројот на население има во Прилеп, Струга, Крушево и Охрид. Извештајот на Институтот за јавно здравје покажува дека во однос на полот кај луѓето кај кои е дијагностициран Ковид – бројката е речиси изедначена. Од вкупниот број 85.594 лица – мажите водат со околу илјада повеќе позитивни тестови. До заокружена бројка од 500.000 – бавно, но сигурно се приближуваме и по бројот на тестирани примероци од февруари лани – до сега. Најцрн ден според статистиките на епидемиолозите во Институтот е 30 ноември кога починаа точно 40 луѓе. Пандемијата досега однесе 2.592 животи.
Кај повеќе од 80% регистрирани биле претходни заболувања. Како најчеста причина се споменуваат кардиоваскуларните болести, дијабетот и белодробните заболувања. Извештајот на Министерството за здравство за изминатото деноноќие во однос на болничките капацитети покажува дека во изминатите 24 часа во Ковид-центрите се лекуваат 426 пациенти позитивни и сомнителни на Корона. Слободни се околу 450 болнички кревети. Од Министерството уверуваат дека има начин одделенијата дополнително да бидат проширени доколку увидот во состојбата со капацитети покаже дека има потреба.