– Бројот на оздравени пациенти од Ковид-19 во последните два дена е по над две илјади дневно, односно само за викендот оздравеле вкупно 4 125 лица. Во деноноќието меѓу саботата и неделата се регистрирани 190 нови случаи, од направени 1 530 тестирања.
Во истиот период починале шест лица, четворица пациенти од Скопје на 60, 74, 44 и 86-годишна возраст, еден 72-годишен од Куманово и еден 64-годишен пациент од Гостивар. Пациентите се починати во болнички услови.
Бројот на активни случаи во државата изнесува 12 635, од кои 58 проценти или 7 373 се во главниот град Скопје, по што следат Тетово со 466, Куманово со 452 и Кавадарци со 403.
Во болниците во Скопје и низ државата има вкупно 685 ковид пациенти, а според информациите од Министерството за здравство има околу 616 празни болнички кревети во ковид центрите.
Планот за вакцинација е подготвен, а следниот месец, според здравствените власти, се очекува да пристигнат првите дози вакцини во државава од „Фајзер“ и „КОВАКС“ механизмот.
Според министерот за здравство Венко Филипче, здравствениот систем е целосно подготвен за вакцинација. Веќе се пристигнати два фрижидера кои беа најавувани како донација за фајзеровата вакцина која се чува на -70 степени, а уште три се очекуваат во текот на следните недели. Во еден фрижидер може да се складираат 100 илјади дози вакцини.