Статистиката на бројот на заразени и починати од Ковид-19 во Македонија покажува дека епидемијата во земјава е надвор од контрола.
Според светските здравствени параметри, стапката на заразени треба да изнесува околу пет отсто или помалку за да се смета дека состојбата со корона вирусот е под контрола, а Македонија е далеку од такво нешто. Кај нас не само што сме далеку од тие пет проценти, туку таа стапка надминува 10 проценти.
Официјалните бројки за месец јули покажуваат дека просечната дневна стапка на заразени е 11,1 процент, што е далеку од потребните пет отсто. Во јули во Македонија се направени вкупно 16.178 тестови за Ковид-19 во кои се ргистрирани 1.789 позитивни граѓани.
Дополнителен проблем е тоа што освен во три дена (шести, седми и осми јули) секој ден стапката на заразени е над 10%, а тоа особено важи за последните неколку дена кога се забележува пораст од 11,4% на 9 јули, преку 11,9% и 12,9% во следните два дена, до 13,7% забележани вчера.
Загрижувачки е и степенот на зголемување на бројот на починати од вирусот. Така, само во првите 12 денови од јули од Ковид-19 починале 80 луѓе, што е нешто повеќе од една петтина (21 процент) од вкупната бројка на починати во Македонија од почетокот на епидемијата.