Македонија 16. декември 2020. / 20:07

Бришењето на предметот историја доаѓа во моменти кога Заев ретушира историја и преговара за идентитетот, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Бришењето на предметот историја доаѓа во моменти кога Заев ретушира историја и преговара за идентитетот, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Според пратеничката и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска, концептот на министерката за образование Мила Царовска, онака како што е претставен, е далеку од образовен концепт.

Вакви коренити образовни реформи, со кои се доведува под прашање што ќе биде избришано од македонската историја, се недозволиви, вели пратеничката како реакција на најавите дека се подготвува нов модел на настава, кој предвидува спојување повеќе предмети во еден.

Таа бара да се повлече новиот концепт на образование и веднаш да се отвори широка и детална презентација на содржините кои се отфрлени и оние кои би останале во образовниот процес, како и широка и детална јавна дебата во која ќе бидат вклучени сите релевантни фактори, институции, институти и научни титули, за да не се случи македонската историја да биде одземена од македонската иднина,

-Ова е тешка импровизација и смислено исполнување на концесии, во која најмалку се водело сметка за образованието и неговата содржина. Оваа концепција не соодветствува со ниту една образовна програма во светот. Ова е концепт кој е воден исклучиво за задоволување на нечии дневно-политички желби и потреби на една политичка гарнитура во заминување. Оваа гарнитура го злоупотребува моментот за потреба од реформа на образовниот систем и во него вклопува интереси кои се далеку од национални и државни. Оваа гарнитура го злоупотребува името на според рангирањата најдобриот образовен модел. Дури и во финската образовна програма постои историја како водечки предмет заедно со социјални студии од трето до деветто одделение, вели Василевска.

Таа оценува дека интегрирањето на предметот историја, без притоа да се нагласи дали се работи за национална или светска историја, во предмет општествени науки, заедно со географија и со граѓанското образование, не може да се гледа подалеку од денешницата кога македонскиот идентитет, јазик, историја и културната посебност се под огромен притисок.

-Ова не може да се восприми подалеку од подвиткување под негирањето на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет. Вакви коренити образовни реформи, со кои се доведува под прашање што ќе биде избришано од македонската историја, се недозволиви. Што е тоа и кој одлучил како ќе биде скратена програмата од образованието по историја? За кој дел од историјата на Македонија нашите деца и идните македонски поколенија ќе бидат лишени, сите идни генерации да не ја изучуваат вековната македонската историја. За жал, тука препознаваме само обид за расцепкување на историските учебници, фрлање на историски факти во заборав и сето тоа заради прилагодување на историјата кон политичките потреби на СДСМ, вели Василевска, оценувајќи дека „бришењето на предметот историја од основното образование доаѓа во моменти кога Заев ретушира историја и преговара за идентитетот“.