Македонија 07. април 2020. / 21:39

Бончаноски: Пресудата за „Транспортер“ е донесена според опачината, а не според вистината

Бончаноски: Пресудата за „Транспортер“ е донесена според опачината, а не според вистината

Еден од обвинетите во судскиот случај на СЈО, „Транспортер“, Слободан Бончановски, кој доби казна затвор од 6 години и 6 месеци, излезе со обраќање во јавноста за таквата пресуда.

Како што пишува Бончановски за порталот „Шеталиште“, целта на неговото обраќање е со факти да укаже дека преудата претставува обид на јавноста како вистина да и се прикаже опачина.

Неговото обраќање го пренесуваме во целост:

„Судот ТРЕБА да суди во име на народот, а народот суди според вистината. На 31.03.2020 година, судот на јавна седница на народот лицемерно му продаде опачина наместо лице на вистина. Размислував, дали да и се обратам на јавноста или не но, повикувајќи се на тезата, кој молчи признава, решив со факти да укажам дека некој на јавноста И ПРОДАВА ОПАЧИНА ЗА ВИСТИНА.

Во јавноста се изнесе:
ОПАЧИНА: Слободан Бончаноски, е виновен за злоупотреба на службена положба и овластување член 353 ст.5 в.в.т.1, што значи злоупотреба во јавни набавки. ВИСТИНА: Во постапка за јавни набавки, постапува комисија од 3 члена, јас сум бил претседател на комисијата, членовите не се обвинети, а Државната комисија за жалби по јавни набавки со решенија потврдила дека јавните набавки се спроведени согласно закон за јавни набавки. ЗЛОУПОТРЕБА НЕМА од ниту еден член на комисија, ниту од Бончаноски.

ОПАЧИНА: Талески и Бончаноски не формирале комисии за следење на договорите. ВИСТИНА: Талески и Бончаноски, не се колективно тело, избрано на избори, секој има своја функција. Бончаноски, во 2009 до 2011 година, е раководител на одделение за даноци, што нема никаква допирна точка со превоз на ученици, а згора на тоа, во договорите стои градоначалникот ПРЕДЛАГА, А НЕ ИМЕНУВА, член на комисијата, но Бончаноски и тука нема ниту положба ниту овластување.

ОПАЧИНА: Со цесии платиле фактури на училиштата, иако знаеле дека се неосновани. ВИСТИНА: Ниту една фактура за превоз никогаш не дошла кај никој во општина, а најмалку кај мене, докажано од сите сведоци. Цесиите се во 2013 година. Кој може да знае било што во 2013 година, за фактури од 2009-2011 година, ако никогаш не ги видел, а истите се наоѓаат во книоводството на училиштата. И тука Бончаноски нема положба и овластување.

ОПАЧИНА: Плаќањата по цесии ги книжеле на позајмици. Тоа е лага голема. ВИСТИНА: Книжени се на други меѓусебни побарувања. Позајмици нема, нема договори за заеми а со договор за цесија не се даваат позајмици. Докажано и потврдено и од вештото лице на обвинителството, дека книжењето е техника на книговодителот и не е никаква штета. И пак, Бончаноски не книжел, и немал положба и овластување во книжењето.

ОПАЧИНА: Плаќале позајмици со цесии иако во Буџетот немало предвидено средства за позајмици. Уште една лага голема. ВИСТИНА: Кој ќе поверува во лагата, дека сте платиле нешто од вашата сметка на која сте немале пари. Апсурдно. И пак, Бончаноски немал ниту положба ниту овластување да може да плати.

ОПАЧИНА: Нанеле штета на буџетот. ВИСТИНА: На кој буџет??? Буџетот на државата? Потврдено е со писмени докази од Државен јавен правобранител, дека Министерство за финансии и Министерство за образование не утврдиле штета во нивните буџети. Еднаш и Општината писмено известила дека нема штета, но дополнително, од непознати причини, новата локална самоуправа, пријавува наводна штета, но не штета според нивни наод туку според наодот на обвинителството. Каква и колкава штета би имал вашиот родител, ако го замолите да ви ја плати сметката за струја за да не ви ја исклучат, а вие парите му ги вратите. Внимавајте, не ви дава пари на заем, вие сами да си ја платите сметката, туку ви ја плаќа сметката. Општината парите што им ги плати на превозниците за сметка на училиштата, во целост си ги наплати, си ги врати во својот буџет. Каква и колкава штета пријави Општината, ќе дојде ден кога ќе ја докажува тој што потпишал барање за лажна штета. И пак, со која положба и овластување Бончаноски ја нанел таквата (непостоечка) штета?
Превртената вистина, се вика опачина на вистината. Обврска се создава со прифаќање на фактура. Фактурите (потврдено со сите докази), доаѓале во училиштата, се книжеле и се плаќале од училиштата 2009-2011 година. Училиштата имаат директори, овластени за законитост во работењето на училиштето. Бончаноски, од ниту една положба и со ниту едно овластување немал надлежност ниту за превоз, ниту за фактури на училиштата, ниту за плаќања од училиштата, ниту бил претпоставен на директорите. Училиштата имаат фактури и за гориво, и за струја и за комунални услуги и други фактури, непознати ниту за Бончаноски ниту за било кој во општината, ниту има законска обврска да ги знаат, (ги знаат ли сметките родителите на нивните деца кои основале свое независно семејство). Формата на извештаи кои ги испраќале до општината е збир на обврски на училиштето колку на крај на месец должи за превоз, колку за гориво, колку за комуналии, но не по фирми а уште помалку по фактури. Збирот на обврски од сите училишта се препраќа во Министерство за образование. Зошто не е обвинето и Министерството за образование? Па, по оваа судска логика, ако ние сме знаеле и тие знаеле? И, пак, тие извештаи не се во надлежност на Бончаноски, туку се во друга општинска служба.

На, крај, не сум разочаран, затоа што не сум бил очаран (Српска поговорка „чиме си се очарао а сада си се разочарао“). Јавноста памети, беше ветено „кога ќе дојдеме на власт, ќе јадеме живи луѓе“. „Бингото“ да бидам жртва ми падна мене. Жив ме јадат, крварам, но не се предавам. На ранетите, Господ им дава поголема сила во борбата за опстанок. Станав имун на вирусот „транспортер“. Го прележав 2016 година. Ќе го прележам и сега, но ќе се излечам до крај. Мојот лек, меѓународно признат, се вика ВИСТИНА. Го имам, и ќе го докажам, и очекувам, и убеден сум, дека суд кој суди во име на народот макар и со 1 % реалност, ќе го прифати овој лек ВИСТИНА, за ослободителна пресуда, а не казна како да сум бил убиец или тежок криминалец, а и самиот суд проценил дека пари не сум украл ни денар.

Моите роднини, моите пријатели, моите колеги, ме знаат и убедени се дека никогаш во живот не сум нанесол никому штета, ниту некој добил услуга што не му следувала. За тие што не ме знаат, препорачувам, НЕ ВЕРУВАЈТЕ ДЕКА ОПАЧИНАТА Е ЛИЦЕ НА ВИСТИНАТА, сега оставам сами да процените или да причекате да ја докажам вистината“.