Македонија 19. октомври 2019. / 12:35

Би-Би-Си: Високи ЕУ дипломати гневни поради блокадата на Македонија и Албанија

Би-Би-Си: Високи ЕУ дипломати гневни поради блокадата на Македонија и Албанија

Високи официјални претставници на ЕУ реагираа гневно откако неколку земји-членки, предводени од Франција, ги блокираа Македонија и Албанија да започнат разговори за членство со унијата, јавува Би-Би-Си.

Според британскиот јавен радиодифузен сервис, „поразот“ дојде по препораките за старт на преговорите со двете земји од Европската комисија и Европскиот парламент.

Претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер изјави дека „ова е голема историска грешка“ и порача оти „се надева дека тоа е само привремено“, додека првиот човек на Европската совет,  Доналд Туск изјави дека „тоа не е пораз, туку грешка“ и дека „се чувствува посрамен“, наведува Би-Би-Си.


Според телевизијата, Франција била единствена земја што го блокирала почетокот на преговорите со Македонија, додека Холандија и Данска му се придружиле на францускиот претседател Емануел Макрон во спротивставувањето на стартот на преговарачкиот процес со Албанија. Макрон порача дека Северна Македонија и Албанија треба да одат во пакет и дека е потребно реформирање на процесот на проширување.

– Ова е полемика за визијата. Потребна е реформа во правилата за проширување. Не треба да отвораме преговори за членство со Северна Македонија, пред Албанија, треба да има мнозинство за преговори со двете (земји) заедно. Треба да направиме повеќе да им помогнеме на тие земји да се развијат, а не само да даваме ветувања, ја пренесува Би-Би-Си изјавата на францускиот претседател на вчерашната прес-конференција.

Британскиот сервис наведува дека германската канцеларка Ангела Меркел изјавила дека постои „разочараност“ од одлуката, но дека „прашањето ќе биде разгледано на самит за Западниот Балкан на почетокот на идната година“. Според неа, Французите сакале процесот за проширување да биде потранспарентен.

– Има различни оценки што овие земји треба уште да направат. Некои велат тие не направиле доволно. Северна Македонија заврши прилично многу работа, изјави Меркел.

Би-Би-Си потсетува и дека еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ги обвини лидерите на ЕУ за неисполнетите ветувања кон двете земји. – Земјите членки сега треба да објаснат колку сериозно се посветени на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, изјави тој.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте, пак, предложи преговорите за членство на Албанија и Северна Македонија да се „рестартираат“ во ноември, опишувајќи ја одлуката како „историска грешка“, додека неговиот белгиски колега Шарл Мишел вети дека прашањето нема да биде одминато, најавувајќи дека ЕУ „ќе гледа подоцна да се наврати на оваа дебата, додава Би-Би-Си.