Македонија 27. мај 2020. / 14:04

Без карантински мерки во Гевгелија почна чествувањето на Спасовден

Без карантински мерки во Гевгелија почна чествувањето на Спасовден

Тридневната културна програма по повод прославата на заштитникот на Гевгелија „Свети Спас“ која годинава поради пандемијата на коронавирусот се одвива онлајн, почна синоќа со музички концерт на гевгелискиот дует Димитар и Васил Ангови.

Поради актуелната ситуација годинава сме принудени културните настани да ги следиме виртуелно од дома, што ги пренесуваме во живо на социјалните мрежи. И во услови на пандемија не ја забораваме нашата верна публика за која малку поинаку од традиционалниот начин ги одржуваме културните настани по повод одбележувањето на Спасовден – вели Весна Ристова, директорка на Домот на културата.

Патронот на Гевгелија, со кој се означува Христовото вознесение, на жителите на градот им го честиташе градоначалникот Сашо Поцков посакувајќи им здравје, заедништво и разбирање.

Нека Спасовден и натаму не штити и води кон подобра иднина,а сите ние заедно да се заштитиме со почитување на владините препораки и мерките за заштита од корона вирусот на Општинскиот кризен штаб. Годинава празникот ќе си го славиме од дома, заедно со гевгелиските музичари кои ќе ни го збогатат празнувањето – рече Поцков.

Празнувањето продолжува вечер со концерт на музичката група „Панта Реи“ и со отворање на изложбата на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија.