Kанцеларијата на Народниот правобранител денеска ја отвори бесплатната телефонска линија 0800 54321 на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.
Сите евентуални непрaвилности може да се пријават во текот на предизборниот период, како и на денот на гласањето. Телефонската линија ќе функционира секој работен ден од 08 до 16 часот и по пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, по примениот повик или снимената порака.
Народниот правобранител, со цел заштита на избирачкото право на граѓаните ќе презема итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права – се наведува во соопштението на канцеларијата на Народниот правобранител.