Крилото на Движењето Беса предводено од Билал Касам, кое остана во опозиција, обвинува дека Апелациониот суд Скопје донел скандалозна одлука и вели дека судството и понатаму е контролирано од владејачките партии. Се сомневаат дека влезот во Владата на одредени лица влијаело врз одлуките на судиите.
– Фактот дека Апелациониот суд примил фалсификувани докази, кои не се претставени во првoстепена постапка, и ги примил документите со печат, кој Движењето Беса го прогласил за неважечки, докажува дека овој процес сега се трансформира во чисто политички процес. Јавно ги прашуваме судиите на Апелациониот суд – што ги поттикна да донесуваат таква скандалозна одлука на денот кога се гласаше Владата? Дали учеството во Владата на одредени лица влијаело на нивната одлука, која може да се нарече сè, но не правна и законска одлука – вели портпаролот Абдуш Демири.
Од опозициската Беса велат дека ако се случи преседан Судот да избрише партиски претседател само затоа што неовластено лице направило такво барање, тогаш тие охрабруваат кој сака да оди во судовите и да побара да биде регистриран како претседател на СДСМ бидејќи таква практика вовела власта предводена од СДСМ. Од партијата додаваат и дека започнале судски постапки за некои лица што биле потпишани во име на Движењето Беса и го фалсификувале партискиот печат.
Крилото на Движењето Беса предводено од Африм Гаши стана дел од владината коалиција, а партијата го доби министерското место за култура, чиј предлог беше Асаф Адеми.