Македонија 22. јуни 2019. / 20:13

Беса и Алијанса за Албанците бараат мултиетнички тимови да го спроведат пописот

Беса и Алијанса за Албанците бараат мултиетнички тимови да го спроведат пописот

Опозицијата од редовите на Албанците подготвува амандмани на Законот за попис на населението. Тие бараат дебата за нивните барања и разгледување на спорните прашања, пренесе АлсатМ.

Флакрон Беџети од Алијанса за Албанците истакна дека ќе има одредени амандмани за кои се надеваат дека ќе бидат разгледани.

– Сигурно ќе има најмалку четири до пет предлог интервенции. За жал, ние не сме вклучени во работните групи и сме приморани да го искористиме просторот за парламентарната дебата за да ги наметнеме нашите предлози. – рече Арианит Хоџа од Беса.

Движењето Беса и Алијанса за Албанците бараат процесот да не биде политизиран, туку да се обезбедат сигурни статистички податоци. Од Движењето Беса велат дека е неопходно да се обезбеди мултиетнички состав во органите кои ќе го применат пописот, почнувајќи од воспоставувањето на механизам за доверба во Заводот за статистика.

– За да имате веродостоен попис, нормално, тимовите кои ќе попишуваат на терен мора да го исполнат мултиетничкиот карактер. Како и во деловите со мнозинство Албанци, каде има мешани тимови, исто така мора да има и во источниот дел, таму каде што нема Албанци. Да има Албанци кои ќе попишуваат за на крајот да излеземе со прифатлив попис. – изјави Хоџа.

Од Алијанса за Албанци велат дека одредбите за попис на дијаспората треба да се ревидираат.

– Ова е добра можност граѓаните што живеат во странство да имаат можност нивниот матичен број да им го дадат на некого од семејството. Постои уште една можност да се попишат онлајн, а тука постои сомнежот дека ако еден дел се попишува преку роднина или член на семејството, и ако во исто време некои од нив може да биде попишан „онлајн“, ќе има проблем плус кога ќе дојде до вкрстување на податоците, има можност да се избришат. – рече Флакрон Беџети од Алијанса за Албанци.

ВМРО ДПМНЕ соопшти дека во случај да не се вклучат во подготовката на Законот, можно е да го бојкотираат целиот процес. Заводот за статистика, од друга страна, соопшти дека сите парламентарни партии добиле копија од Законот уште во ноември, но не упатиле никакви забелешки. Законот е во парламентарен процес, во очекување на првата седница на Комисијата за европски прашања. Пописот на населението се очекува да се одржи од 1 до 21 април 2020 година. Тој исто така ја вклучува и можноста за попис на дијаспората почнувајќи од 1 март истата година.