Македонија 05. јануари 2019. / 20:45

Беса: Доколку не се изедначат Македонскиот и Албанскиот јазик во уставот нема да гласаме за уставните промени

Беса: Доколку не се изедначат Македонскиот и Албанскиот јазик во уставот нема да гласаме за уставните промени

Ден по средбата меѓу Заев и Касами, од Движење Беса велат дека нема да гласаат за уставните измени доколку не бидат прифатени нивните барања. Од партијата преку амандмани бараат да се тргне зборот „македонско“ за граѓаните Албанци. Другото барање е во ставот за грижата на државата кон дијаспората, граѓаните да бидат подредени според етничката припадност, како што се во Преамбулата.

-Во однос на државјанството, да се отстрани „македонско“ и за граѓаните Албанци и оние од дијаспората да се пишуваат етничките заедници како што се во Преамбулата. За овие две прашања не се преговара и без нивното реализирање нема да има гласови за уставните измени. Во вторник на ниво на групите ќе се разговара за правното формирање на барањата на Движењето Беса и доколку бидат прифатени од двете страни, ќе има позитивен исход– велат од движењето Беса.

Освен овие два амандмана, Беса бара и измена на Членот 2 од 5-тиот амандман на Уставот со цел македонскиот и албанскиот јазик да фигурираат како службени јазици и Претседателот на државата да не може да блокира носење на закони, одбивајќи да ги потпише. И од партијата на Зијадин Села бараат реакција од премиерот Заев.

-Се надеваме дека премиерот Заев ќе се повика на разумот и ќе изнајде демократски капацитети во себе и во парламентарното мнозинство за да ги поддржи амандманите на албанската опозиција, кои не само што ќе го загарантираат мултиетничкиот концепт на земјава, туку ќе направат и сеопфатен Устав кој на еднаков начин ќе ги третира своите граѓани во политичкиот систем. За натамошните одлуки ќе одлучуваат партиските органи на Алијанса за Албанците- велат од Алијанса за Албанците.

Пред еден ден премиерот рече дека ќе направи сѐ за да обезбеди 2/3 мнозинство за поддршка на уставните измени. Тој најави средба со Зијадин Села, од кого, како што рече очекува, сериозност и одговорност. Завршната фаза на уставните измени за Преспанскиот договор почнува на 9-ти јануари.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека нема да учествуваат, што дава до знаење дека дебатата нема да трае 12 дена, па според пресметките гласањето може да се очекува до 15-ти месецов.

Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство.