Барањето на пратеничката Фросина Ременски упатено до претседателот на Собранието за дополнителни безбедносни мерки за неа и сите пратеници во пресрет на гласањето за уставни промени остана во фиоката на законодавецот. Спикерот на оваа институција Талат Џафери, барањето сé уште не го пратил во МВР.
Причината за ова е точката на дневниот ред за уставни промени. Иако не го примиле барањето, од МВР велат дека се подготвени да преземат мерки за заштита на пратениците.
МИНИСТЕРСТВО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ:
Министерството за внатрешни работи ги повикува сите пратеници кои имаат каква било закана да ги пријават во полицијата и ќе бидат преземени соодветни мерки сите да бидат безбедни“.
Пратеникот Константин Константинов од парламентарното мнозинство, вели дека лично не примил закани од никого, но вели дека треба да се преземат мерки против оние кои се закануваат или се загрозени.
Фадил Зендели од Беса, не се чувствува загрозен. Тој вели дека нема потреба од дополнителни безбедносни мерки.
„Можеби во одредени ситуации, ако се процени дека треба да има придружба од полицијата, верувам дека за нив може да има, но лично јас немам потреба од полициско обезбедување бидејќи не чувствувам никаков притисок или опасност за мене и за моето семејство“, вели пратеникот Зендели.
Потпретседателката на парламентот, Фросина Ременски, пред два дена побара од шефот на собранието Џафери да побара од МВР дополнителни безбедносни смерки за пратениците. Слично барање од Ременски било упатено и кога беше усвоен Законот за јазикот.