Македонија 09. јуни 2020. / 10:55

Балканот ја стави Македонија во карантин поради експлозијата на новозаразени во земјава

Балканот ја стави Македонија во карантин поради експлозијата на новозаразени во земјава

Со излегувањето од контрола на епидемијата на корона вирусот во Македонија и наглиот раст на новозаболени, чиј број во последнава недела секојдневно надминува преку 100 нови болни, Балканот полека, но сигурно ја става земјава во карантин.

Иако во сите балкански земји има олабавување на мерките и конкретни планови за отворање на границите, од таквата одлука остануваат исклучени македонските граѓани, кои се означени дека доаѓаат од високо ризична земја.

Словенија, Бугарија и Црна Гора веќе официјлано воведоа 14-дневен карантин за сите кои доаѓаат од земјава, Кипар не ја стави Македонија на листата земји чии државјани имаат дозвола за влез, а можно е на 15 јуни и Грција да не ја отвори границата за македонските граѓани.

Словенечката влада објави дека состојбата во Македонија е тешка, а одлуката за 14-дневен карантин ќе важи за сите кои од земјава ќе се обидат да влезат во Словенија, освен за превозниците и за дипломатите.

Кипар ги ги отвори границите за 13 земји без карантин со услов да бидат негативно тестирани на корона вирусот. Овој список на земји дури и ќе се прошири на 20 јуни, но Македонија не спаѓа ниту во двете групи, а дозволен ќе биде влез само за посебни околности и по одобрување од кипарската влада.

Пред неколку дена одлука за задолжителен 14-дневен карантин за македонските граѓани донесе и Бугарија. Црна Гора, уште на 1. јуни ја стави Македонија на црната листа, а оттогаш состојбата во земјава уште повеќе се влоши. Црногорскиот Институт за јавно здравје објави ажуриран список на земји со активна стапка на случаи на Ковид-19 на помалку од 25 заразени на 100.000 жители, кои ќе можат да престојуваат во Црна Гора без карантин. На тој список ја нема Македонија.

Грција која се подготвува за отворање на туристичката сезона, се уште нема официјална одлука дали на Македонците ќе им биде дозволена посета на грчките плажи. Грчкиот државен министер, Јоргос Герапетрис во интервју за радио „Солун“ изјави дека не се исклучува можноста границата со земјава да не биде отворена на 15 јуни поради растот на новозаболени од Ковид-19.

Албанија најави дека ќе ја следи ситуацијата со новозаразени во земјава и врз основа на тие бројки ќе одлучи под кои услови ќе ги прима нашите граѓани. Косово, пак, бара негативен тест не постар од 4 дена или 14-дневна домашна изолација за македонските државјани.

Засега, вратите за Македонија се отворени само кон Србија.