Некатегоризирано 24. јули 2020. / 13:29

Баграта на Ивица Коневски

Баграта на Ивица Коневски

„Нашата завист секогаш трае подолго од среќата на оние на кои им завидуваме“.

Хераклит

Колку само била видовита вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска? Не требаше да мине многу време откако го именуваше нејзиниот колега, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како рециклиран кадар на Никола Груевски, а се јавија нови такви. И повторно не обични, туку со додадена вредност, што би рекла она.

пишува: Предраг ДИМИТРОВСКИ

Навистина, остана нејасно како Царовска ги одреди критериумите за да се одреди додадената вредност на рециклатите. Па, сега никој не знае да (про)оцени кој е со ниска, мала, средна или висока додадена вредност не само во коалициската хиерархиска поставеност во партиската или коалициската хиерархија на СДСМ, туку и во ВМРО-ДПМНЕ.

Но, тоа што е најзагадочно се прашањата, што сами по себе се наметнуваат. Дали рециклатите се рециклати на Никола Груевски или на неговиот братучед Сашо Мијалков, кој од десна рака на „режимот“ на Груевски експресно стана поранешен директор на УБК, промовиран во авторски непотпишано интервју? И дали рециклатите веќе отворено му помагаат на Зоран Заев да состави влада, што значи дека работат на штета на партијата на која и припаѓаа(т)? И тука најмалку се важни изборните резултати. Тие служат само како параван. Зашто, најважно е ВМРО-ДПМНЕ да не смее да формира влада по никоаква цена!?

За што и да станува збор, едно е јасно-историјата на ВМРО-ДПМНЕ се повторува и тоа како обична фарса. А, велат, паметните учат од туѓите грешки, а будалите од сопствените. Очигледно, рециклатите, та биле на Груевски, та на Мијалков, веќе одлучиле каде да припаѓаат.

Само мала ретросптектива на случувањата во ВМРО-ДПМНЕ од нејезиното основање, па до денес, недвосмислено ќе покаже и докаже дека сите немили настани претходеле на одлучувачки моменти за партијата и државата. И секогаш иницијалната каписла доаѓала од надвор, било од политичкиот ривал СДСМ, било од политичкото подземје предводено од тајната полиција и нејзините структури, но никој не може да го негира нивното унисоно делување за чисто нивни, но никако за интересите на ВМРО-ДПМНЕ. А, тоа многу добро го знаат и старите, и средните, и новите структури на ВМРО-ДПМНЕ. Го знаат и упорно и упорно го повторуваат, докажувајќи се меѓу себе кој е голем, поголем и најголем и заслужен, позаслужен и најзаслужен вмровец! Небаре сите до еден се мали ученичиња и меѓусебно се караат кој во која клупа да седи.

Ова е само едната страна на медалот. Другата, пак, е поврзана со сфаќањето дека ВМРО-ДПМНЕ не треба и не може да биде идеја, туку само чисто правно лице, кое ќе делува како друштво со ограничена одговорност, преку кое ќе се задоволуваат личните лукративни, клиентелистички, кариеристички и какви ти не други цели. Се разбира во името на идејата, патриотизмот и Македонија!

Нејсе. Навистина, како да се одреди додадената вредност на сите оние, кои се јавија по парламентарните избори, барајќи смена на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски? Висока, средна, мала,…!? Или, пак, не станува збор за додадена вредност, туку за личности без никакво значење и без никаква специфична тежина? Ни партиска, ни политичка, ни човечка, кои од петни жили настојуваат одново да се факторизираат на политичката сцена.

Сите, ама во буквална смисла на зборот сите до еден, имаа неповратна можност од позиција на власт десет години да го сторат тоа за што сега се залагаат. Но, наместо тоа, тие се согласиле и прифатиле времето на нивното владеење да се именува како „режим“. Колку е тоа резултат на вистински показатели, а колку на обична пропаганда, тоа е сосема друго прашање. Меѓутоа, нивното натамошно останување на политичката сцена секогаш ќе биде под притисок на условувања и уцени. Во зависност од дневно-политичките потреби. И против тоа никогаш нема да можат политички да се борат, зашто однапред се чисти губитници. Што, впрочем, многу сликовито се манифестираше низ работата на последниот парламентарен состав.

Во целата ситуација најтрагични се неколку моменти.

Прво, неможноста да се сфати дека Христијан Мицкоски не е ВМРО-ДПМНЕ, исто како што ВМРО-ДПМНЕ не е „Белиот дворец“. ВМРО-ДПМНЕ е членството, ажурирано и неажурирано, функционери актуелни и поранешни, симпатизерите, гласачите… Но, пред се, ВМРО-ДПМНЕ е идеја, ВМРО-ДПМНЕ е Македонија. И со нападите врз Мицкоски не се напаѓа само он, туку се напаѓаат сите-и актуелни и поранешни функционери, и ажурирани и неажурирани членови, симпатизери, гласачи… Се напаѓа идејата! Се напаѓа Македонија!

И сите што мислат дека со смената на Мицкоски и нивното враќање во „Белиот дворец“ работите сами по себе ќе си дојдат на место, едноставно се лажат. Зашто, скршен бокал не се лепи.

Второ, начинот и средствата со кои се користат „рециклираните“ се надвор од сите демократски вредности и чистиот човечки здрав разум. Синоќа брутално бил нападнат новинарот и мој уредник Љупчо Златев. Зарем насилството е вистинското средство за влегување во „Белиот дворец“? И тоа во 21 век и пред почетокот на преговорите за членство во ЕУ! Срамота! Зарем ВМРО-ДПМНЕ заслужува да му се случи нова „Панорама“! Па, ако тоа се случи, тогаш организаторите треба повеќе од добро да размислат колкаво ќе биде гласачкото тело на локалните избори наредната година, што според сите политички параметри и показатели ќе се одржат истовремено со нови парламентарни избори.

Во овој контекст треба да се спомене и дел од изјавата на поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски. „Што побрзо си одите ти и таа багра од партијата, толку побрзо ВМРО-ДПМНЕ ќе застане на чело на државата“, смета Коневски.

Добро, така смета. Но, кого именува како багра? Коневски стана нов Заев и Пендаровски. Тој во ништо не се разликува од нив. Заев го е*е народот и името на државата, а за Пендаровски народот беше стока. И утре Коневски од кого ќе бара поддршка? Од баграта, која го направи човек и тоа што се станал во животот? Ај, нека прошета малку низ општината, чиј градоначалник беше, за да види како го именуваа оние за кои сега одработува. Уште има плакати. Ќе се засрами самиот од себе. Повеќе од сигурно.

Трето, и можеби најважно. Зошто во сите овие напади врз Мицкоски ниту еден од нив не се одважи да изусти барем еден, единствен збор во одбрана на сите оние жртви за настаните од 27 април, кои се соочуваат со затворски казни од над 200 години? Зошто ниту еден од нив не изусти ни еден, единствен збор во одбрана на Миле Јанакиески, Спире Ристовски, Трајко Вељановски и Владимир Атанасовски, кои се на обвинителна клупа како организатори на настаните од 27 април? Па, сите тие на чија душа одат-на Мицскоски или на некој друг?

Не мора да одговорат. Доволно е да размислат дали сето ова вреди да се прави, наместо да го почитуваат легализмот, единството, хармонијата, новиот статут и времето. Една година за миг минува.