Прорусинот Јанко Бачев и Филип Петровски, вечерва од пред домот на пратеникот Крсто Мукоски во Вевчани ги започнаа најавените протести. Водачите на движењето против уставните промени „Македонија блокира“ со протести пред врата, метод познат од времето на инквизицијата, одлучи да врши притисок врз пратениците да не гласаат за уставните промени.
Пратеникот Мукоски ги пречека демонстрантите кои ги покани во својот дом да разговараат. Дел од нив ја прифатиле поканата на Мукоски, а на останатите учесници полицијата не им дозволнила пристап.
На протестот Петровски го прочита писмото што му беше врачено на Мукоски во кое го повикуваат да не подлегне на притисоците, да ја смени одлуката и да не спроведува одлуки за кои нема добиено мандат од граѓаните.
– И вас и нам ни е јасно дека македонскиот народ не поддржува вакво срамно и насилничко менување на името, бришење на АСНОМ, бришење на идентитетот и нашата културна и историска посебност. На референдумот народот си го кажа своето мислење и тој став вие сте должни да го почитувате. На сите ни е јасно дека бевте изложени на притисок и закани кои не успеавте да ги издржите. Дел од вас беа пуштени од домашен притвор самиот ден кога требаше да се гласа почеток на процедурата. Тоа го нема никаде на друго место во цивилизираниот свет. Државата со вакво владеење се претвори во пример за потсмев и секаде сме посочувани како „ненормална“ држава. Вие се уште имате можност да се издвоите и да се издигнете над сето тоа – рече Петровски притоа охрабрувјаќи ги да ги сменат одлуките да не гласаат за уставните промени ветувајќи дека народот ќе ги чува.
Движењето најави дека писмо со иста порака во сабота ќе достават и до пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов во Охрид.