Македонија 21. април 2020. / 18:54

АВМУ: Комуникацијата со медиумите да биде отворена и двонасочна

АВМУ: Комуникацијата со медиумите да биде отворена и двонасочна

Во врска со реакциите на медиумските работници на начинот на комуникација и степенот на транспaрентност на владините институции и здравствените центри, Агенцијата апелира Владата и другите надлежни институции да ја унапредат комуникацијата со новинарите така што таа ќе биде отворена и двонасочна.

Во вонредна состојба исклучително е важно да им биде овозможено на новинарите професионално да ја извршуваат својата работа и да им биде даден простор за потпрашања на добиените одговори. Само така нема да биде загрозена слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните, односно пристапот до објективни, навремени и сеопфатни информации, велат од АВМУ.

Воедно, Агенцијата смета дека надлежните органи и институции треба да избегнуваат да користат комуниколошки облици кои според форматот наликуваат на медиумски информативни емисии, како што беше неодамнешниот пример.

Истовремено, повторно потсетуваме дека e неопходно на сите медиуми без исклучок, вклучувајќи ги и онлајн медиумите кои не се во Регистарот на професионални онлајн медиуми на СЕММ и ЗНМ, да им биде обезбеден еднаков пристап за известување, а медиумите да ги почитуваат професионалните стандарди и принципи, особено кога станува збор за информации од висок степен на јавен интерес.

Во контекст на професионално и безбедно извршување на задачите, Агенцијата апелира да се вложат максимални напори за обезбедување на заштита и безбедност на медиумските работници, велат од АВМУ.