Комисијата за заразни болести денеска предложи карантинскиот период да се намали на 10 дена за асимптоматските пациенти кои се позитивни на Ковид-19. Членовите на оваа комисија едногласно предложија оваа категорија пациенти четири дена порано да ја напушта изолацијата без потреба од ново тестирање со проценка дека тие веќе не претставуваат ризик за ширење на вирусот.
Врз основа на епидемиолошкиот извештај на пациентите кои не покажуваат јасни симптоми на коронавирусот, одлуката за изолација или самоизолација ќе биде укината на 10-тиот ден од карантинот, велат од Комисијата за заразни болести.
Во меѓувреме, лицата кои се во директен контакт со пациенти дијагностицирани со Ковид-19 и понатаму ќе остануваат во изолација 14 дена, соопшти Министерството за здравство. Пациентите со симптоми пак, ќе мора да бидат изолирани 20 дена, како и досега.
Другите пациенти кои имаат очигледни симптоми на Ковид-19 ќе треба да бидат во постојан контакт со нивните матични лекари 20 последователни дена за време на домашниот третман. На 21-от ден од дијагностицирањето тие се слободни без повторно да бидат тестирани за евентуален негативен резултат, истакнаа од Министерството за здравство.
Според податоците на МВР, само во последните 24 часа низ целата земја издадени се решенија за изолација на 297 лица, а на 5 други изјави за самоизолација. Во моментов 4.964 лица се во услови на домашна изолација, a 55 други во изолација. Од избувнувањето на пандемијата до денеска Државниот санитарен и здравствен инспекторат издаде 37.491 решение за изолација и донесе уште 14.054 изјави за самоизолација.