Грчкиот професор и претставник на тик-тенкот ЕЛИАМЕП, Јанис Армаколос истакна дека многу е тешко да се постигне правно решение за спорот за името ова лето, пренесува НоваТВ.
Армаколос кој учествуваше на денешната дебата „Каде е јазот: Името ли е или непознавањето едни со други?“, што се одржа денеска во Скопје во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и Евротинк – Центар за европски стратегии, изјави дека не може да се реши спорот за името ова лето и земјата да напредува во ЕУ и НАТО. Тој додаде дека во ваков случај важно ќе биде двете страни да се воздржат од изјави кои би можеле да наштетат на процесот и да се најде начин овој „залет во решавање на спорот“ да се задржи и понатаму.
На дебатата сите учесници се согласија дека властите во двете земји треба да работат на уривање на стереотипите кои доминираат во јавното мислење и на предрасудите дека „соседната земја сака да ја украде историјата на другиот“, туку дека договорот ќе донесе бенефит за двете страни. Ваквата недоверба која постои меѓу двете земји го отежнува решавањето на спорот кој не е само името, туку за цел спектар прашања, а изминатите 25 години само се додаваат дополнителни проблеми.
-Во однос на спорот за името освен „прецизното штелување на формулата“ потребно е и да се работи и на градењето на доверба која треба да гарантира дека со некои идни потези нема да се „затруе решението“, рече Армаколос.
Јавноста во Грција сега е повеќе окупирана, пред се, со економските проблеми, тензиите со Турција во врска со Кипар, но и апсењето на двајца грчки војници. Довербата во Владата опаѓа и соочена со избори, Сириза ќе се обиде да најде начин, евентуалното решение за спорот за името, дополнително да не и го наруши рејтингот.
-Владата ќе се обиде со еден удар да убие две муви – и да го реши спорот и да ја победи опозицијата, рече Јанис Армаколос.
За да го постигне ова, на Сириза ќе и биде потребна поддршка во Парламентот за евентуалниот договор, што засега ја нема. Но Армаколос истакнува дека има најави за нови коалиции и прегрупирања на политичката сцена во Грција, што можат да завршат во корист на Сириза. Целиот амбиент за решавање на спорот го комплицира и позицијата на грчката опозиција која, освен што критикува, како да нема јасен став каков договор за нив е прифатлив.
Армаколос посакува џентлменски договор меѓу власта и опозицијата да постигнат согласност дека ова прашање повеќе нема да се користи за книжење на политички поени.
Љупчо Петковски од Евротинк напомена дека проблемот со името е повеќеслоен и додаде дека сите тие слоеви изминатите години наместо да се тргаат еден по еден, од претходните структури на власта само се зголемувале и се додавале нови.
Како пример за подгревање на страстите, го спомена проектот Скопје 2014 и нагласи дека треба да се земе предвид како сето тоа влијание на јавноста во Грција. Тој даде предлог македонските интелектуалци да испратат писмо до грчката јавност во кое ќе нагласат дека не сите во Македонија го поддржуваат Скопје 2014 и сакаат надминување на несогласувањата во однос на табуата.