Апелацискиот суд во Скопје ја укина ослободителната пресуда за случајот „Тревник“ на СЈО против новинарот и уредник Драган Павловиќ-Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан Павловиќ, потврдуваат од второстепениот суд.
Предметот е вратен на повторно судење во Основниот кривичен суд во Скопје. Според неофицијални информации, пресудата е укината поради суштинска повреда во постапката.
СЈО го покрена овој случај за бесправно градење три викендички во Зелениково. Предметот пред првостепениот суд го водеше судијката Марија Клетничка-Марковска, а ослободителната пресуда, која сега е укината, беше изречена на 4 јули 2019.
Тогаш судијката рече дека делото за кое се гонат браќата не е кривично дело според закон, посочувајќи дека во вакви случаи праксата е ако постои дивоградба, и во текот на кривичната постапката таа се легализира, тогаш обвинението се повлекува. Таа наведе дека институциите не реагирале, ниту некој пријавил дивоградба, а потоа кога биле впишувани во катастар никој не го оспорил тоа.
Обвинителката од тогашно СЈО која го застапуваше случајот, Елизабета Јосифовска, за медиумите изјави дека СЈО стои на ставот дека во случајот има кривично дело и ја најави жалбата до Апелација.
„Тревник“ е еден од двата предмети на СЈО во кои е опфатен Латас. Другиот е „Топлик“ и тој се однесува на даночно затајување, но за него сè уште нема пресуда.
Сега сите предмети на СЈО се во рацете на редовните обвинителства, а обвинителите се вратени во матичните обвинителства. За предметите што се веќе во постапка, републичкиот обвинител Љубомир Јовески ги овласти истите обвинителни да продолжат да ги застапуваат.