Македонија

Апасиев: Има „судир на интереси“ во преговорите – на Грција ѝ продаваме македонска фирма

Апасиев: Има „судир на интереси“ во преговорите – на Грција ѝ продаваме македонска фирма

Професорот Димитар Апасиев од партијата Левица смета дека владиниот тим има класичен „судир на интереси“ во преговорите со Грција што е недозволиво и скандалозно.

Во интервју за порталот МКД.мк говорејќи околу разговорите со јужниот сосед за разликите околу името, Апасиев вели:

„И само уште еден факт, кој треба да се потенцира во оваа насока, е тоа што владиниот тим, покрај инфериорноста што ја манифестира, има и класичен „судир на интереси“ во преговорите со Грција. Не заборавете дека компанијата на еден вицепремиер е во фаза на купување од страна на грчка државна фирма! (продадена е за 4.8 милиони евра – н.з.)

Ова во сериозни држави е недозволиво и скандалозно. Но, за жал, сега нема кој така жестоко да го критикува по социјалните мрежи – бидејќи сиот искомпромитиран невладин сектор сега работи за Владата“.

Запрашан каде Македонија, според него ја прави грешката со преговорите со името, Апасиев дециден:

„Па, најпросто, во самиот факт што уште преговараме!

Професорот објаснува дека според резолуциите на ОН требаше да најдеме „брзо решение за разликите околу името“!? Но, бидејќи тоа не е сторено и по скоро три децении крајно време е да им се стави крај на преговорите.

Апасиев вели дека „по овој официјален чин, би почнала правна процедура за промена на привремената и навредлива референца ФИРОМ, со нашето уставно име – но преку Генералното собрание на ООН, каде што веќе го имаме потребното мнозинство. Но за овој потфат треба солидна и поткована дипломатија, а не третокласни чиновници, без никакво претходно искуство“.

Тој уште вели дека на помош треба да се повика и правната наука, еминентни професори по меѓународно право, кои се интернационално признати и познати – па со еден таков тим, Македонија несомнено дека ќе успее да го добие она што природно ѝ следува.

Никој надвор нема да нѐ цени доколку самите не почнеме да се цениме и да постапуваме достоинствено, а не инфериорно, во меѓународните односи“ вели професорот .