Македонија 08. октомври 2019. / 12:24

Антикорупциска по службена должност ќе го „прочешла“ непотизмот во АНБ

Антикорупциска по службена должност ќе го „прочешла“ непотизмот во АНБ

Најзначајната улога на Државната комисија за спречување на корупцијата е да има  превентивна улога. Многу е добро што директорот на АНБ се обрати до нашата институција и побара мислење. Во мислењето ние кажавме дека вработување на блиски лица во иста институција е судир на интереси.

Ова е одговорот од претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на новинарско прашање за мислењето испратено од ДКСК до Агенцијата за национална безбедност за почитување на одредбите во однос на судир на интереси и непотизам, што сепак во селекцијата на новите вработени не беше максимално почитувано, па во новата институција останаа голем број вработени, кај кои има судир на интереси.

– Јас искрено се надевав дека тоа беше многу добар чекор за да се спречат вакви состојби какви што вие ги нарекувате, меѓутоа не се спречиле. Како тоа понатаму ќе се реши не знам, најверојатно ќе отвораме предмети по тие случаи и да бараме некаква разрешница иако најдобро е во самата институција да се бараат решенијата, изјави Ивановска по денешната работилница за изработка  на Национална стратегија за спрелчување на корупцијата и судирот на интереси, на која присуствуваа речиси половината министри од Владата.

На прашањето дали ќе постапува ДКСК по сопствена иницијатива по овој случај, таа порача дека доколку самите не ги разрешат состојбите внатре, Антикорупциска по службена должност ќе постапува.

– Знаете како е, сите ние сме за борба против корупција, ама ретко кој сака да се бори, а уште помалку да биде допрен со таа борба. Тие состојби треба да бидат наше минато, потенцира првата антикорупционерка.