Македонија 22. јуни 2020. / 13:39

Антикорупциска отвора случај за Горјан Тозија – делел пари без банкарски гаранции

Антикорупциска отвора случај за Горјан Тозија – делел пари без банкарски гаранции

Aнтикорупциската комисија има отворено предмет за работата на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска.

Член на Комисијата работи на предмет за работата на директорот Тозија, но не можам повеќе детали да откријам, затоа што наша пракса е секој член да си го работи предметот и кога ќе биде готова да го презентира пред останатите членови. Попладне имаме состанок и дополнително ќе ве информираме“, одговори Ивановска на нашите прашања дали предметот е поврзан со предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата, и што конкретно се истражува во предметот и во која фаза е.

Според неофицијални информаци на редакцијата, предметот ја испитува законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата за филм во март на почетокот на коронакризата. Спорно е што за најголем дел од исплатените проекти нема од продуцентите ниту банкарски гаранции ниту документација за завршени претходни фази. Во согласност со Законот за филмска дејност, филмскиот продуцент пред склучување на договорот во соодветен рок треба да достави банкарска гаранција во висина од 25% од износот на средства кои ги исплаќа Агенцијата.