Македонија 30. ноември 2019. / 14:00

Андоновска до Филипче: Откако сте министер не спречувате сомнителни и криминални постапки

Андоновска до Филипче: Откако сте министер не спречувате сомнителни и криминални постапки

На македонската јавност и се случува нова афера вирус, каде имаме признание за поткуп, а институциите молчат, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако деновиве имаше јавно признание од сопственик на фармациска фирма дека му е побаран рекет од Агенцијата за лекови.

– Фирмата имала потреба од дозвола за интервен увоз. Внимавајте, значи увоз на нешто што е итно и неопходно, а Агенцијата за лекови не дала никаков одговор!, рече Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

По пријавување на рекетот, сопственикот и фирмата сносат само последици како притисоци, закани, вонредни инспекции, за завршницата да биде незаконско затворање на фирмата, вели таа и додава дека ова е само еден од низата случаи во кои фирми бараат дозволи од Агенцијата за лекови, а притоа речиси без исклучок на сите им е побаран финансиски надомест или рекет.

– Министре Филипче, откако ја извршувате функцијата не спречувате сомнителни и криминални постапки, напротив на некој начин ги поттикнувате, затоа морате да дадете одговори. Значи по дефиниција, а вие како министер тоа треба да го знаете, Агенцијата, поточно поединци вршат економска дејност поврзана со организиран криминал – едноставно прават рекет, порача Андоновска.

Таа го праша министерот Филипче дали знае што прават поединци од Агенцијата за лекови, регулаторно тело кое ги издава сите дозволи за лекови? Зошто има молк од надлежните институции кога има конкретен случај за фирма на која и се бара рекет?

Со јавно признание за рекет врз фармацевтска фирма и без никаков одговор од Агенцијата до истата фирма за побараната дозвола, а без никаква истрага некој мора да сноси одговорност, вели Андоновска.