
Поради постојаната еволуција и приспособливост на информациската средина, можностите за искористување на дезинформациите во денешниот свет континуирано се зголемуваат. Затоа е важно да се одржи максимална будност и да се покаже флексибилност кон променливите услови, со цел да може ефективно да се сузбие влијанието на дезинформациите. Секое демократско општество мора да изгради своја отпорност кон дезинформациите и лажните вести.
Ваквата отпорност е инструментална за здравиот развој на општеството, и за донесување на вистинските одлуки во вистинско време. Кога се зборува за ваква отпорност, неопходно е внимателно планирање кое треба да доведе до идентификација и разбирање на природата на заканата, на кого му треба заштита од оваа закана и кои ресурси се на располагање за да се оствари планот за заштита на општеството. Токму затоа потребно е да се зголемат националните капацитети и да се биде подготвен доколку дојде до некоја информациска конфронтација, која може да доведе не само до потенцијален воен конфликт, туку и до политичка, социјална или економска криза. Ова вклучува подготовка на јавноста и на клучните општествени фактори, како на пример политичарите и администрацијата, преку подигнување на општествената свест и кампањи за борба против дезинформации, како и против воведување пристап на независни медиуми и професионални новинари. Треба да се посветат одредени ресурси и за промоција на медиумска писменост и развивање на вештини за критичко размислување, за да може населението полесно да ги идентификува некредибилните извори на информации и медиумската пристрасност.
Во процесот на справување со дезинформациите треба да се вклучат сите засегнати страни и ефикасно да ги искористат своите ресурси, да се оствари добра координација помеѓу нив, како и да се обезбеди доволен буџет на институциите за да се справат со заканата која ја претставуваат дезинформациите. Сите анализи посочуваат кон тоа треба да се направи адаптација на новата безбедносна реалност, во која употребата и влијанието на дезинформациите добиваат сè поголемо значење. Во моменталната и постојано променлива безбедносна реалност, ракувањето и контролата на информациите има големо значење во креирањето на стратегијата за остварување на целта. Покрај големото значење кое го имаат информациите денес, од голема значење се и начините на кои се користат и се презентираат тие информации. Планската употреба, или злоупотреба на информациите, има потенцијал да ги обликува индивидуалните ставови и акции, како и општествените норми и однесувања.
Изборот на вистинска стратегија за справување со дезинформации треба да се направи преку соработка на државните органи со невладините организации, медиумските куќи, новинарските здруженија, како и со сите други чинители кои се дел од информацискиот простор. Потребно е воспоставување на координативна институција чија задача ќе биде обединување на активностите кои ќе се користат за справување со дезинформациите. Како дополнителни механизми за заштита од дезинформациите може да се размислува и во насока на донесување легислатива која треба да придонесе кон зголемување на транспарентноста на изворите на финансирање на медиумите, невладините организации и другите граѓански здруженија, за кои се утврдило дека во повеќе наврати се извор на дезинформации или дека одработуваат агенда која е спротивна на државните интереси. Ваквите или слични национални инструменти, воспоставени по сила на закон, можеби е решение кое треба пошироко да се користи. Донесувањето на вакви закони е критичен чекор кон конфронтацијата со екстензивните и дестабилизирачки кампањи за дезинформирање на нашите противници.
Посакуваниот резултат е подигнувањето на индивидуалната и колективната свест, и тоа не само кај донесувачите на одлуки во едно општество, туку и кај обичните граѓани кои се корисници на информации. Раната и навремена детекција на овој проблем на денешното општество има голема улога во неговата успешна превенција и елиминација.