Македонија 03. април 2018. / 09:04

Американски професор: Грчките позиции се апсурдни, Македонија се притиска за навредливи имиња

Американски професор: Грчките позиции се апсурдни, Македонија се притиска за навредливи имиња

Мајк Пирс е професор по историја на колеџот Хоутон во Њујорк и директор на универзитетската програма Истокот се среќава со Западот. Неколку пати учествувал на конференции во Скопје во организација на Балканскиот институт за вера и култура, а автор е и на книгата „Зошто толку напад кон Запад“. Во интервју за МКД.мк во однос на спорот за името, тој вели дека не се согласува ни со македонскиот национализам, но грчките позиции, според него, се сосема апсурдни, а последиците се многу сериозни. „Ако ме прашате што сакаат Грците, тогаш, ќе ви кажам дека мислам оти не знаат ни самите“, ни изјави професорот Пирс.

За каков иредентизам зборува Грција, бидејќи во изјавите на нивните политичари, особено на претседателот Прокопис Павлопулос, секогаш се присутни обвинувањата за иредентизам?

Немам поим, не можам да си замислам за каков иредентизам зборува, бидејќи го нема, не можам да замислам каква било опасност или можност Македонија да има некакви територијални закани за Грција. Напротив, можно е спротивното. Нерамнотежата во однос на жителите, на економијата, на големината на армијата, покажува дека тврдењето за македонска закана е апсурдно и го покренува прашањето што е вистинскиот проблем.

Тие го поврзуваат иредентизмот со учебниците по историја, со Уставот, со името…

Не знам за Уставот, ама историски, знам дека немаше држава што се вика Грција до 1830 година. Имало грчки, повеќекултурни држави две илјади години пред тоа и не знам за каков континуитет се зборува, а што се однесува до Македонија, речиси целата нејзина историја се однесува на географска посебност, а не на држава.

Многу малку се согласувам со оние Грци што велат дека се против име со Македонија. Досадни се, но факт е дека околу 40 отсто од географската област Македонија опфаќа државата Македонија, па можеби и не е лошо тоа Северна Македонија или слично. Ама дури и тоа не е никакво оправдување за Грција да ја држи настрана Македонија од НАТО и од ЕУ и да се обидува да ја уништи на некој начин и економски и дипломатски сите овие години.

Но за сѐ над тоа мислам дека е апсурдно и еден вид потиснување на комплексот на вина. Знаете, кога знаеме дека сме виновни, а не сакаме да го признаеме тоа, вината ја префрламе на другата страна. Има многу од тоа овде.

Постои ли според Вас закана од Македонија за Грција, со оглед дека се работи за две земји што не може да се споредуваат ни по територија, ни по жители, ни по армии, а не може да биде ни економска закана за Атина?

Нема. Дел од причините за ваквото тврдење лежи во балканските војни, но корените се можеби во периодот 1922-23 година кога грчка Македонија беше хеленизирана со сите оние Грци што беа донесени од Анадолија. И тоа е една од причините за иселување на негрците и за присилување на словенското население и на Власите. Хеленизиран е јазикот, имињата, имињата на населените места.

Заканата што Македонија навистина ја претставува за Грција е тоа што нејзиното избрано име е потсетник на крвавите и бесрамни настани од почетокот на 20 век – настани со трајни последици, на кои модерните Грци порадо не би сакале да се потсетуваат. Како што сите знаеме од лично искуство, потиснувањето на непријатните спомени може да генерира лутина кога тие спомени од која било причина ќе избијат на површина.

Ама, бесмислено е сега јас или кој било друг да протестира за ова, речиси сто години подоцна, но она што го велам е дека има негативно чувство сега кај сите Грци, и тоа е реалноста.

И бесот да се проектира кон земја на својот север што се нарекува себеси Македонија е надвор од секоја реалност.

Од друга страна, кога зборуваме за некаква закана, сигурен сум дека грчката држава сигурно не ја сака во своите граници Македонија, а ако Македонија би била на пример во рамките на Бугарија, Грците би биле многу несреќни поради тоа. Па ако ме прашате што сакаат тогаш, ќе ви кажам дека мислам оти не знаат ни самите.

Во една Ваша анализа објавена пред месец-два, цитирајќи го Микис Теодоракис пишувавте и дека Грците се противат на самото постење на државата. Од каде Ви е овој заклучок, на што го темелите?

Бидејќи критицизмот е толку нерационален. Нема нешто што Македонија може да го направи за навистина да ги задоволи. Претпоставувам освен ако прифати некое навредливо име за себе. Но ништо друго. А тоа Македонија очигледно не би сакала да го направи.

Не се согласувам ни со македонскиот национализам, но грчките позиции се сосема апсурдни, а последиците се многу сериозни.

Но да се рече дека Грците се против постоењето на државата е малку пресериозно…

Тие сакаат нешто друго, но да бидам искрен, никогаш не сум ја сфатил алтернативата на ставовите на грчките политичари. Не знам дали некој друг ја сфатил. Единствено е јасно дека не сакаат земјата на север од нив да се нарекува Македонија. Беа среќни на некој начин кога постоеше Југославија, можеби сакаат такво нешто. Само шпекулирам.

Но мојот став е дека клучниот момент за решение е загубен. Тоа беше пред неколку години, кога Грција беше во економска криза и буквално економски на дното. Тоа беше прекрасна можност, за ЕУ, на пример, да ги убеди да престанат со смешните блокади кон Македонија.

Мислите дека сега е предоцна за тоа?

Мислам дека е доцна. Грција полека се враќа, сѐ уште е во слаба позиција, да, но мислам дека тој момент помина.

Точно дека е во слаба позиција, но Грција е дел од ЕУ и тоа е факт…

Но факт е и дека никој во ЕУ не е среќен да ѝ дава милијарди и милијарди евра на Атина и тоа ЕУ можеби сѐ уште може да го искористи и да изврши притисок врз Грција во повеќе области. Не е сѐ загубено.

Од друга страна, пак, ги видовме протестите во Солун и во Атина и мислам дека која било грчка влада нема многу да отстапи од ставовите, поради внатрешниот отпор. Која и да е владата, таму ќе биде екстремно тешко да се избори со национализмот, кој е набилдан долго време.

Македонската влада го има истиот проблем.

Од каде треба да биде поголем притисокот, од Брисел или од Вашингтон?

Од Брисел да, не знам за Вашингтон со оглед на американскиот претседател (хахаха).

Освен предлогот ОН да направи ДНК-тестови за жителите од Северна Грција, што мислите што може ОН навистина да направи во случајот со името на Република Македонија?

Немам трпение за ОН, тие се комплетно корумпирани. Тие секогаш доцнат во спречувањето нешто.

Ако најдеме решение, какво било со одредница, дали Грците ќе го прифатат или уште ќе бидеме „скопјани“?

Мислам дека многумина од Грците ќе користат како до сега. Но во преговорите тие инсистираат јазикот да не биде македонски и уште многу работи. Тоа е премногу, никој нема да го прифати тоа. За името можеби и македонските националисти би попуштиле, но за јазикот на пример ќе има масовен отпор. И се согласувам со тоа, бидејќи Грците притискаат толку многу за навредливи имиња, јазик и слично.

 

Извор: МКД.мк