Од први до 20-ти август, на армискиот полигон Криволак, тренинг ќе имаат 120 американски војници од копнените сили за Европа.
Гаѓање со пешадиско оружје, со минофрлачи и за првпат на вежбалиштето во Македонија и познатите хеликоптери Блек хок. Од Министерството за одбрана велат- целта е промоција на Криволак како регионален тренинг центар… јавува МРТВ.
Криволак ги отвора вратите за американската војска. Од први до 20-ти август, 120 војници од копнените сили на САД за Европа ќе тренираат на армискиот полигон.
Гаѓање со пешадиско оружје, стрелби од минофрлачи, а за првпат на вежбалиштето и познатите хеликоптери Блек Хок.
Првите 42-ца војници од коњичкиот полк преку македонско-косовската граница пристигнуваат утре. Армијата на Република Македонија ќе им обезбеди логистичка поддршка, сместување и транспорт до полигонот, а припадници на македонската армија ќе го набљудуваат тренингот.
Лани една билатерална вежба на САД во друга земја од Југоисточна Европа, во која учествуваа околу 5 илјади американски војници, беа потрошени меѓу 3 и 5 милиони долари во локалната економија. Слични ефекти се очекуваат и од овој тренинг, велат од одбраната.
Целта е и да се покаже дека Македонија има модерен полигон, што ги обезбедува сите услови за изведување обука, тренинг и гаѓања од сите видови оружја и орудија. Големината и теренот, но и географската положба на Криволак според претставниците од американската армија, го прават воениот полигон „необработен скапоцен камен“. Она што му треба велат, е модернизација и инфраструктура.
Македонија и САД го зацврстуваат стратегиското партнерство. Припадници на двете армии често се дел од мултинационални вежби. Таков беше случајот лани со „Сајбер Гардијан“ што се одржа во Романија, Бугарија и Унгарија, и со „Драгун Гардијан“ што се изведуваше на Криволак.
Од Американската амбасада брифираат дека ваквите вежбовни активности имаат цел зацврстување на воената соработка, но првенствено да се направат неопходните подготовки Македонија да биде дел од НАТО.
На полигонот Криволак речиси постојано, гости се армии од регионот, но и од сојузниците. АРМ се подготвува и за мултинационалната вежба „Одлучен удар“ што ќе се одржи идната година, пишува МРТВ.