Македонија 01. април 2020. / 11:52

Внимавајте, се продаваат фалсификувани средства за дезинфекција

Внимавајте, се продаваат фалсификувани средства за дезинфекција

Компанијата „Алкалоид“ АД Скопје информира дека на пазарот се појавија производи што претставуваат фалсификати на средствата за дезинфекција произведени од „Алкалоид“ – „Ecosal®“ и „Dezintal®“, кои се воедно и заштитени трговски марки на „Алкалоид“ АД Скопје.

Aпелираме до купувачите да внимаваат при купувањето бидејќи фалсификуваните производи не ги исполнуваат стандардите за квалитет, при што би можело да дојде до несакани дејства врз безбедноста и врз здравјето на купувачите. Исто така, се доведува во прашање и ефикасноста на овие производи, кои во моменталната ситуација се од исклучителна важност – велат од „Алкалоид“.

За да им помогнат на купувачите да ги препознаат оригиналните производи „Ecosal® Forte“ и „Dezintal®“ произведени од „Алкалоид“, за чиј квалитет и безбедност компанијата гарантира, ги посочуваат следните детали што може да се забележат на самото пакување на производите:

– на етикетите секогаш стои логото на „Алкалоид“, како и логоата на „Ecosal®“ и на „Dezintal®“, кои гарантираат за оригиналното потекло на производите и за преземените мерки во делот на нивната регистрација, во согласност со важечките регулативи;

– како производител секогаш е назначен „Алкалоид“ АД Скопје, што подразбира дека производите се произведуваат и се полнат во контролирани услови на производство;

– производот „Ecosal® Forte“ се произведува во пакување од 500 ml, со затворање приспособено на типот на производот – антисептик, наспроти фалсификуваното пакување од 1000 ml, какво што досега не е пласирано на пазарот од „Алкалоид“;

– производите доаѓаат со соодветно упатство за употреба, за кое можеме да гарантираме само доколку се произведени и доколку се спакувани во фабричките погони на „Алкалоид“ АД Скопје.