Македонија 01. февруари 2021. / 16:57

Алијанса за Албанците: Зибери не е независен, нема да може да ги брани правата на граѓаните

Алијанса за Албанците: Зибери не е независен, нема да може да ги брани правата на граѓаните

Опозициската албанска партија Алијанса за Албанците денеска пред канцеларијата на Народниот правобранител го изрази револтот за изборот на Насер Зибери за Народен правобранител и ја преименуваше канцеларијата на Зибери во канцеларија на Владата и ДУИ.

„За жал, пред неколку дена, на многу лукав начин во Собранието на Северна Македонија, со само 61 глас „за“ и без согласност на опозицијата, Насер Зибери беше избран за Народен Правобранител“, велат од Алијанса за Албанците

Оттаму посетуваат дека Насер Зибери, покрај тоа што беше политички активист и партиски функционер, на последните  парламентарни избори беше кандидат за премиер од ДУИ, од партијата што е денес во влада, против која Насери Зибери ќе мора да ги заштити правата на граѓаните.

„Ова е спротивно Законот за Народен Правобранител, кој во член 3 вели: „Народниот Правобранител е независен и самостоен во извршување на својата функција.“ Додека во членот 2 се вели дека Народниот Правобранител е тело кое ги штити уставните и законските права на граѓаните и сите други лица, кога тие се повредени од органите на државната управа и од другите тела и организации кои имаат јавни овластувања“, додаваат од Алијанса за Албанците.

Според партијата, факт е дека Насер Зибери не е независен и самостоен, затоа нема да може да ги брани правата на граѓаните против владата, што значи дека тој не е и не може да биде Народен Правобранител.

„Денес, на денот на неговата инаугурација, одлучивме симболично да ја преименуваме канцеларијата на Народниот Правобранител, како што и навистина заслужува и ќе биде канцеларија на Правобранител на Владата / ДУИ. Во врска со ова, ги повикуваме сите институции на Европската Унија и амбасадите на пријателските земји, јавно да го осудат овој чин на заплена на државните институции, што не само што е во спротивност со Законот за народен правобранител, туку и со принципите на Венеција за Народен Правобранител“, посочија од Алијанса за Албанците.