Алијанса за Албанците не ја исклучува опцијата да го блокира собранискиот процес за преспанскиот договор, ако не им се исполнат барањата што имаат намера да ги достават како амандмани – кога ќе се отвори Уставот: албанската заедница да биде впишана како државотворен народ и албанскиот јазик да биде службен заедно со македонскиот.
Генералниот секретар на партијата и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари за Алфа вели дека ако не се исполнат нивните барања, органите на партијата ќе одлучуваат дали нема да го поддржат преспанскиот процес.
-Партијата има органи тие ќе одлучат дали и како ќе гласаме ако нашите барања не се усвојат. Ова не е уцена, туку се барања за кои сега е шанса да се затворат, и потоа да се посветиме на европската агенда, вели Таравари.
Тој потсетува дека ова е ветено од Заев уште во 2016 година. Тоа што ДУИ смета дека сега не е време за зачинување на преспанскиот процес со албанските барања, за Таравари е неважно. Тие се нестабилни, вели тој. Потсетува дека и ДУИ се потписници на популарно наречената Тиранска платформа.
-Ова е нешто што го пишува и во Охридскиот договор. Господинот Заев го вети уште во 2016 година, во делот за јазикот поконкретно, додава Таравари.
Беса на Касами ќе интервенира со 4 амандмани. Немаат дилема дека нивните барања треба да поминат оти така ќе се исправеле неправдите кај албанската заедница и ќе се воведел концептот на граѓанска држава.
И за овие амандмани ќе треба двотретинско мнозинство за да бидат усвоени.