Алијанса и Алтернатива се уште формално не преговараат за влез во новата Влада, бидејќи се уште нема мандатар. Лидерот на Алијанса, Зијадин Села, вели дека ќе почекаат прво ДУИ да си искористи сите шанси, па дури потоа ќе настапат со своите барања.
Според Села, ако не се прифати ветувањето на ДУИ за премиер-Албанец Али Ахмети треба да замине во опозиција. Дури и информациите за ротирачки премиер во кои ДУИ би добиле една година премиерско место е пораз за Ахмети.
За да дадат поддршка на новата Влада, Алијанса и Алтернатива ќе ги постават барањата кои беа дел од нивната програма. Решавање на проблемот на 70 000 граѓани кои немаат државјанство, додавање етничка димензија на Законот за правична застапеност, полова еднаквост на цела администрација, но и официјализирање на албанскиот јазик во Уставот.
Преговорите за нова Влада се очекува да се засилат по конститутивната седница која Џафери ја закажа во вторник на пладне. До 15 август шефот на државата Пендаровски ќе треба да го предаде мандатот за состав на новиот владин кабинет.