Коалицијата на опозициските партии Алтернатива и Алијанса на Албанците, денеска обвини дека Владата не е способна да обезбеди вакцини против коронавирусот за граѓаните на Македонија.
Според нив, театарот кој беше приреден со гласање доверба на Владата во Собранието, не ги покрива загубите на животите како последица на пандемијата.
-Деновиве, кога сите земји во регионот продолжуваат да ги имунизираат граѓаните со вакцини против КОВИД-19 и кои се гордеат со конкретни бројки за вакцинирање по глава на жител, Владата на Република Северна Македонија не успева, по сите обиди, да обезбеди вакцини. Сите сме сведоци дека на овој мозаик на неуспеси му беше додадена и неспособноста да се обезбеди кинеската вакцина. Звучи изненадувачки, но земји како Црна Гора и Унгарија, успеаја да ги набават планираните вакцини од контингентот на овие вакцини, додека граѓаните на Македонија уште еднаш слушнаа само празни зборови и ветувања, велат од Коалицијата.
Според нив, ова бесконечно пролонгирање на имунизацијата на населението, покрај тоа што директно ги загрозува животите на граѓаните, ги намалува и надежите за постепено отворање на нашата држава и домашната економија.
-Дури и кога сите земји од регионот и ЕУ ќе го завршат овој процес, за нашата земја ќе следи изолацијата со невидени последици, оценува коалицијата Алтернатива – Алијанса на албанците – Скопје.