Во својата колумна со наслов “Европски, а не ужасни стандарди за работа” потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ се осврнува на лошите услови за работа на работниците и недоволната и слаба грижа за нив од страна на државата и нејзините институции.
“Вчера беше Денот на Европа, 9 Мај. Ден на кој се означи крајот на нацизмот во Европа и се создаде најголемата идеја досега – идејата за обединета Европа. Тоа е идеја која стана реалност во форматот на ЕУ. Тоа е сон кој за дел европски земји е реализиран, а за дел е во тек на реализација. Македонија е пред тешки предизвици како да го надмине спорот со Грција и да стане дел од реализацијата на тој сон на генерации. Но, тој сон нема да значи ништо ако не се материјализира низ подобар живот и подобри услови за живот, повеќе работни места, но и подобри услови за работа и подобра плата на работниците. Владата треба да исполни најголем дел од овие услови, инаку членството во ЕУ ќе биде само нереализиран сон.” пишува во својата колумна Николовски.
Николовски во својата колумна се осврнува на големиот пад на невработеноста која од 39% во 2006 година падна на само 22% во последната година од мандатот на ВМРО-ДПМНЕ.
И дека со падот на невработеноста треба да се подобруваат и условите за работа на работниците. “Не гледам дека владата на Заев работи на тоа” пишува Николовски во својата колумна.
Од она што е достапно се знае дека во текот на 2017 година се забележани вкупно 1.111 повреди на работа, што претставува зголемување во однос на претходната година од околу 20 отсто.
“Во структурата на регистрираните повреди на работа во 2017 година најголем број се оние забележани во индустријата и рударството, вкупно 397 повреди, или 35,7 отсто од вкупниот број регистрирани повреди. Потоа следуваат повредите регистрирани кај општествените организации, кои во структурата на вкупните повреди на работа учествуваат со 17,5 отсто. Станува збор за 194 повреди, а во однос на 2016 година нивниот број е зголемен за 78,8 проценти.
На трето место во структурата на повредите во 2017 година се повредите во здравството и социјална заштита со вкупно регистрирани 143 повреди т.е. 12,8 отсто.
Во 2017 година, според достапните податоци, се случиле 158 несреќи при работа. Од нив 24 биле фатални. Значи, најмалку 24 лица го изгубиле животот на своето работно место во 2017. Така, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,22 односно на секои 100.000 вработени, загинуваат тројца до четворица вработени. Стапката на смртни случаи при работа е зголемена во споредба со 2016 година, кога изнесувала 2,62. Доколку се земе за споредба Велика Британија, каде стапката изнесува само 0,5, ќе констатираме дека Македонија има прилично висока стапка на фатални несреќи при работа.” напиша Николовски во својата колумна.