Македонија 06. мај 2019. / 21:35

Албанската опозиција со контра-одговор за Ахмети

Албанската опозиција со контра-одговор за Ахмети

Албанската опозиција го демантира првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, кој синоќа изрази разочарување, поради, како што рече, бојкотирањето на вториот круг од претседателските избори од страна на претседателите на Беса и Алијанса за Албанците.

-Знаевме дека имаме опозиција која не е подготвена за долги патувања. Денеска сум многу разочаран поради бојкотот од опозициските лидери кон овој толку голем процес кој се одржа во нашата земја“, рече Али Ахмети – претседател на ДУИ.

Од Движењето Беса ја демантираат изјавата на Ахмети, кој рече дека претседателот на Беса, Биљал Касами не излегол на гласање. Како доказ приложуваат фотографии и ја посочуваат изјавата на Касами што ја дал по гласањето.

Претседателот на Алијанса за Албанците пак, Зијадин Села, не сакаше да одговори преку телефон, само рече дека подоцна во текот на денот може да говори пред камера за да открие дали гласал или не.

Генералниот секретар на Алијанса, Арбен Таравари, вчера не го остварил своето гласачко право. Ова го потврди самиот Таравари, велејќи дека со ваква постапка им испратил порака на коалициските партнери дека на општината Гостивар ѝ направиле проблеми. Вели дека ДУИ е иницијатор на овие проблеми, а СДСМ спроведувач.

-Причините се принципиелни. Принципиелни се бидејќи да гласав вчера ќе изгледаше дека страдам од стокхолмскиот синдром, значи да ги поддржиш оние кои те исмејуваат и малтретираат. Испратив порака дека нешто што не е во ред, а се случува во Гостивар се нема случено ниту во режимот на Груевски“, рече Арбен таравари – градоначалник на општина Гостивар.

Сепак Таравари вели дека поголемиот дел од неговите соработници во општината излегле да гласање и дека бројките јасно покажуваат дека гласовите на Алијанса од првиот круг, вчера отишле на контото на Пендаровски. Синоќа, по прогласувањето на победата, премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, им заблагодари на гласачите кои во првиот круг гласале за Блерим Река, а сега својот глас го дале за Стево Пендаровски.