Македонија 10. октомври 2020. / 21:45

Алармантен бројот на заболени од коронавирус во гевгелиско

Алармантен бројот на заболени од коронавирус во гевгелиско

Рекорден број од 18 новозаболени од коронавирус евидентиран вчера во Гевгелија, придонесе само во деветте дена од октомври во гевгелиско да има 52 активни случаи, што ја прави ситуацијата крајно сериозна, алармираат од Општата болница во Гевгелија.

По направената споредба на бројот на евидентирани позитивни лица на Ковид-19, од почетокот на пандемијата до крајот на септември и бројот на заболените за само девет дена од октомври, добивме изедначен резултат 52:52, велат од Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гевгелија.

Според нив, бројките се алармантни и загрижувачки и претставуваат сериозна потврда за недоследно почитување и применување на пропишаните протоколи за работа, како и на заштитните мерки против ширење на коронавирусот.

Непочитувањето на мерките, но и неверувањето на поголем дел од граѓанаите дека коронавирусот постои,ќе придонесе ситуацијата да излезе надвор од контрола што само по себе подразбира недостиг на доволен капацитет за сместување и третирање на болните од Ковид-19 и преоптоварување на медицинскиот персонал во Општата болница во Гевгелија, посочија докторите Сашо Олумчев и Патрик Мат, кои работат со заболените пациенти од коронавирусот.

Тие им порачаа на граѓаните дека е крајно време да се дисциплинираат околу примената на протоколите и мерките за заштита, бидејќи само така ќе се спречи непосакуваното сценарио во борбата проив Ковид-19.