Македонија 09. мај 2018. / 18:46

Алаѓозовски против ,,Фолк – фест Валандово”

Алаѓозовски против ,,Фолк – фест Валандово”

Првата награда на триесет и треттиот „Фолк-фест Валандово“ ќе изнесува 1.500 евра, втората 1.000 евра и третата 750 евра. Ова беше соопштено на денешната прес-конефернција по повод фестивалот што ќе се одржи на 24 и 25 мај во Валандово.

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, истакна дека „Фолк-фест Валандово“ е значајна манифестација за македонската народна музика, на која во нејзините најдобри времиња се презентирале песни кои потоа станале толку популарни што многумина веќе не ги доживуваат како авторски, туку како народни песни. Тој додаде дека од тие причини, за разлика од минатите години, треба да се подигне квалитетот на фестивалот, да се вреднуваат авторите и изведувачите и да се негуваат белезите на нашата народна музика по која сме препознатливи во целиот свет.

„Пристапот што ќе го градиме заеднички е сосем спротивен на оној што го гледавме минатите неколку години на неколку музички фестивали кога се плаќаа по 20.000 или 10.000 евра за првото место, суми што предизвикаа многу клиентелизам, коруптивно однесување, во некои случаи јавноста со денови се занимаваше и со наводи за обиди за измама на гласања на телевоутингот и слично“, рече министерот за култура.

Цветанка Ласкова, советник за култура на премиерот Зоран Заев, истакна дека нејзина и заложба на оваа Влада е од фестивалот да произлезат песни што ќе се слушаат во иднина.

„Мојата заложба отсекогаш била вистинските вредности во културата да си го заземат своето место. Тоа е заложба и на оваа Влада. Емотивно сум врзана со „Фолк-фест Валандово“ и многу добро ги знам чувствата на учесниците и на публиката. Сакаме да им го вратиме тоа чувство на граѓаните зашто и ден-денес си ги потпевнуваме рефрените од „Бисер балкански“, „Една песна“ – композиции што останаа да живеат. Се надевам дека и од овој фестивал ќе останат рефрени што ќе ги пеат идните генерации“, рече Ласкова.

Првата вечер на фестивалот ќе биде од ревијален карактер, на која ќе бидат изведени музички нумери од тројца досега најизведувани автори на валандовскиот фестивал – Григор Копров, Миле Барбаровски и Љупчо Трајковски – Фис. Втората вечер, пак, е натпреварувачка, во чии рамки, како што истакна претседателот на Уметничкиот совет на фестивалот, Живоин Глишиќ, од пристигнатите 90, ќе бидат изведени 19 композиции. Изведувачите ќе бидат придружувани од оркестар составен од едуцирани музичари од ФМУ, кои сега се членови на оркестрите во МОБ и Филхармонијата. Според Глишиќ, снимањето на материјалот е во завршна фаза и за разлика од минатата година се очекува пред фестивалот да биде издаден и компакт-диск.

Инаку, годинава има новини и во начинот на гласање на фестивалот, така што во одлуката за наградите со 60 проценти ќе учествува жирито, а 40 отсто публиката. Жирито ќе биде составено од седум члена, а телевоутингот како начин на гласање се исфрла. Во периодот на гласањето мини концерт ќе има босанската фолк-пејачка Ханка Палдум со својот оркестар.