Што велат бројките за последните десет години? Имено во период на светска економска криза или во 2008 година имало околу 98 милиони евра капитални инвестиции, следната уште повеќе или околу 102 милиони евра. Во 2011 година истите достигнуваат околу 150 милиони евра. Во периодот 2012 заклучно со 2015 година се движат од 120 милиони евра до 140 милиони евра. Во 2016 година која е година на криза во државава имало околу 100 милиони евра, а во 2017 околу 140 милиони евра капитални инвестиции.
Рекордно ниска реализација на капиталните инвестиции годинава, иако владата предводена од СДСМ сама си го проектираше Буџетот. Наместо вест да е реализација и нови инвестиции, вест се скандали кои само за еден месец изнесуваат околу 45 милиони евра и тоа ни помалку ни повеќе пари за во џебовите на функционерите. Дополнително Македонија во време на оваа власт се задолжи над 1,5 милијарди евра, јавниот и државниот долг ги урнаа психолошките бариери.
Сето ова укажува дека тимот кој го избра премиерот Зоран Заев, како вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски или не знаат да го проектираат буџетот или не знаат кога и како би можеле да се реализираат проектите.
Бројките што ги објави Министерството за финансии покажуваат дека во првата половина годинава реализирани се само 16,65 проценти, односно од јануари до јуни од предвидените 400 милиони евра за годинава за капитални проекти потрошени се само 65 милиони евра. Во јуни месец, кога Владата очекуваше да се зголеми реализацијата, потрошени се само 11 милиони евра, што е помалку од претходните четири месеци.
Самата власт пак се жали на слаби проекти, кои самата ги правеше, па се поставува прашањето дали се лоши проектите, или е погрешна проекцијата на Буџетот… За проблемите и економската катострофа префрлаат сите без исклучок.
Поранешниот министер за финансии од редовите на СДСМ, Никола Попоски гостувајќи на АлсатМ телевизија рече дека растот на БДП во првиот квартал кој изнесува 0,1 процент е поразителна ситуација и оти македонската економија е на граница на рецесија.