До вчера во земјава беа регистриарни 16.231 активни случаи на Ковид-19, од кои најголем број – 9985 се од Скопје.
На инфективните оддели низ земјава се лекуваат 700 позитивни или суспектни пациенти на коронавирусот, од кои 300 се во Скопје, а има околу 560 празни болнички кревети во ковид – центрите.
Според вчера објавените податоци на Министерството за здравство во претходните 24 часа, во државава се регистрирани 403 нови случаи на Ковид-19 од направени 2118 тестирања, од кои 165 во Скопје, починала 10 лица, а оздравеле 339 пациенти.
Вкупниот број ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 88389, бројката на оздравени пациенти е 69476, а на починати е 2682.
Од понеделник, како што најави Министерството за здравство, во скопските поликлиники „Јане Сандански“, „Бит Пазар“ и „Драчево“, пациентите ќе можат да направат лабораториски анализи со проверување на вредностите на Д-димерите и ЦРП, кои се важни во следењето на здравствената состојба на ковид пациентите.
Во трите поликлиники, кои се подготвени со биохемиска апаратура и реагенси за изработка на таа здравствена услуга, од следната недела ќе има посебен план. Лицата кои треба да ја направат потребната лабораториска анализа ќе доаѓаат во темини кои ќе бидат наменети само за нив за да не бидат во контакт со останатите пациенти.
– Со овој начин им олеснуваме како на матичните лекари, така и на пациентите да не мора да одат во ковид – центрите и болничките установи за да ги направат потребните анализи. Партиципацијата за ваквата здравствена услуга ќе се наплаќа по ценовникот за здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување, изјави директорот на Здравствениот дом Скопје, д-р Виктор Исјановски.