Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, се сретна со високиот гостин од Вашингтон, Мет Палмер, кој е заменик-помошник на секретарот на САД.
ДУИ соопшти дека соговорниците дискутирале за постигнатиот прогрес во земјата кон потполна интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, како и за прашањата што чекаат да добијат разрешница.
„Ахмети елаборира за спремноста на Демократската унија за интеграција да даде придонес за успешно заокружување на целта на граѓаните за да изградиме евро-атлантска Македонија. Лидерот на ДУИ исто така ја повика и опозицијата да се вклучи во клучните заеднички напори за да ја интегрираме нашата земја во ЕУ и НАТО“, ги соопшти ДУИ заклучоците од средбата.
Ахмети во рамките на состанокот им се заблагодарил на Соединетите Американски Држави за, како што истакнал, силната подршка за евро-атлантска Македонија и градењето демократско општество со потполно владеење на правниот поредок и законите, како и со борба против корупцијата и организираниот криминал.